„Денес испраќаме силна и недвосмислена порака дека чекориме напред – од систем кој со децении беше запоставуван, кон современо, одржливо и европско управување со отпадот.
Со промоцијата и испораката на новата опрема за справување со цврстиот отпад, правиме конкретен чекор кон почиста животна средина, повисок квалитет на живот и посилна заштита на здравјето на граѓаните. Оваа опрема не е само техничко средство. Таа е симбол на системска промена.“ – рече премиерот Христијан Мицковски обраќајќи се на пристутните градоначалници, министри и заменици министри и граѓаните кои беа присутни денеска во Битола за примопредавање на камионите.

Доделени се 10 камиони од 8 кубни метри, 4 камиони од 12 кубни метри, еден камион Кипер , еден камион од маркат „Рено“ како и друга орудружна опрема која ќе ја зајакне ефикасноста на комуналните услуги.
Проектот не е изолиран, туку е дел од регионалниот проект за управување со цврст отпад, орв национален потфат за воспоставување интегриран и одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво. Усогласен со европските директиви за отпад.

„Проектот опфаќа изградба на три регионални санитарни депонии, санација и затворање на три постојни нестандардни депонии, изградба на претоварни станици, како и набавка на опрема и механизација за собирање и транспорт на отпадот, за вкупно пет плански региони во државата.“
Особено значајно е што со оваа опрема го подготвуваме системот за целосно функционирање на идната регионална депонија и центар за управување со отпад во Новаци, како и претоварните станици во Кичево, Охрид, Прилеп и Дебар. Тоа е регионален пристап што носи ефикасност, економска оправданост и долгорочна одржливост.

Новиот министер за животна средина Муамед Хоџа рече дека со инвестиција од околу 11 милиони евра, современиот модел за управување со отпад станува реалност за над 400.000 граѓани од 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион.
„Во 2026 година ја поставуваме клучната инфраструктура. Во тек е подготовка на јавната постапка за регионалната депонија во Пелагонискиот и Југозападниот Регион. Не застануваме тука, се финализира постапката за депонијата во Русино, Полошки Регион, а објавен е јавниот повик за депонијата во Свети Николе, која ќе го опфати Североисточниот и Источниот Регион“, рече Хоџа.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски рече дека ја поддржува оваа одлука затоа што само со заеднички решенија може да се има чист регион.
„За нас, овој проект значи крај на импровизациите и почеток на современо, контролирано и одржливо управување со отпадот“ рече градоначалникот Коњановски.
Градоначалникот на Новаци и претседател на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпадот, Стевче Стевановски истакна дека регионалната депонија ќе биде со највисоки еколошки стандарди, контрола, мониторинг и безбедност.

„Ќе се затвори и санира постојната депонија во Мегленци, долгогодишен проблем што ги мачи жителите на Новаци и влијае врз почвата, водите, воздухот и квалитетот на животот на граѓаните“, рече градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.












