Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите ја уважи жалбата на секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, оценувајќи дека во текстот „Исти луѓе, иста адреса, една фамилија – кој управува со Битола?“ не била направена доволно јасна разлика меѓу фактите и коментарите и дека не биле наведени извори на информациите. Сепак, самата одлука содржи еден важен и неспорен заклучок: не е нарушена приватноста на Борче Димитровски.
Комисијата јасно наведува дека станува збор за лице кое извршува јавна функција и дека прашањата поврзани со неговото работење и влијание се прашања од јавен интерес.
Ова е особено значајно ако се има предвид дека токму Димитровски пред извесно време, преку официјален одговор испратен до медиумот, беше претставен како јавна личност, статус што носи и повисок праг на јавна критика, јавен надзор и медиумско преиспитување.
Воедно, останатите лица споменати во текстот не беа обработувани во контекст на нивниот приватен живот, семејни односи или лични околности, туку исклучиво во контекст на правните лица кои ги застапуваат и нивната поврзаност со институции кои располагаат со јавни средства. Тоа е суштинска разлика која не смее да се занемари.
Кога се анализираат компании, нивните управители, сопственици или законски застапници кои остваруваат деловни релации со јавниот сектор, станува збор за тема од неспорен јавен интерес.
Дополнително, впечаток остава фактот што Комисијата забележува дека не биле наведени изворите на податоците, но воопшто не ја оспорува нивната вистинитост. А токму тие информации се достапни за секој граѓанин, новинар, компанија или институција преку официјални и јавни бази на податоци. Податоците за сопственичка структура, управители и основачи на компании се достапни преку Централниот регистар на Република Северна Македонија, додека податоците за плаќањата од јавните институции кон приватни субјекти се достапни преку платформата Open Finance, воспоставена токму со цел поголема транспарентност во трошењето на јавните средства.

Оттука, останува дилемата дали суштината на текстот е навистина проблематична или според Комисијата проблем е единствено начинот на кој се презентирани веќе јавно достапните податоци. Ако фактите потекнуваат од официјални регистри и државни платформи наменети за јавен увид, тогаш прашањето не е дали тие смееле да бидат објавени, туку дали биле доволно прецизно наведени нивните извори.
Во демократско општество медиумите имаат обврска да поставуваат прашања кога јавни функционери, нивни блиски соработници или правни субјекти поврзани со нив добиваат средства од јавни институции. Тоа не е напад врз приватноста, туку остварување на основната улога на новинарството – контрола на носителите на јавни функции и следење на трошењето на јавните пари.
Затоа останува впечатокот дека во конкретниот случај Комисијата го потврди правото на јавноста да расправа за работата на јавните функционери и експлицитно утврди дека нема нарушување на приватноста. Истовремено на медиумот му се посочени формалните недостатоци во презентацијата на информациите.
Прашањето што останува отворено е дали ваквиот пристап придонесува кон поголема медиумска одговорност или создава дополнителен ефект на воздржаност кај медиумите кога отвораат теми поврзани со јавни функционери и трошење на јавни средства.












