ТЕРА

REKLAMA???

„ОВОЈ ПАТ СЕ БИРАМ СЕБЕ СИ“

Македонските читатели речиси непосредно по првичната објава добиваат можност на свој јазик да го читаат книжевниот хит на Дизграм, автор чии текстови одамна не живеат само на страниците, туку и во секојдневните пораки, препораки, подароци и објави на социјалните мрежи.

 „Овој пат се бирам себеси” не е книга што се чита само еднаш. Таа е книга што се подвлекува, се подарува, се фотографира, се испраќа во порака и се чува за оние денови кога на човек му треба една точна мисла за да продолжи понатаму. Во неа се препознаваат сите што некогаш биле „добро”, иако ништо не било добро; сите што премолчеле болка со насмевка; сите што давале премногу таму каде што не биле доволно ценети; сите што морале одново да се составуваат – тивко, достоинствено и сами.

Дизграм пишува без поза и без дистанца. Неговите текстови не се обраќаат од височина, туку од животот: од разделбите, од тивките порази, од љубовта што лекува, но и од љубовта од која треба да се замине; од уморот да се биде силен, од потребата за мир, од храброста да се каже „доста” и од најважната лична одлука – човек конечно да застане на своја страна.

 Книгата е изградена како емотивно патување низ четири целини – „Југо”, „Бура”, „Маестрал” и „Леванте”. Имињата на ветровите не се само декоративни наслови, туку ја носат внатрешната динамика на книгата: од нежност до бура, од болка до олеснување, од заминување до повторно пронаоѓање на себеси. Во тие целини се менуваат тагата и надежта, кршењето и исцелувањето, љубовта и самопочитта, минатото што боли и иднината што конечно може да започне.

Токму затоа „Овој пат се бирам себеси” не е само книга со убави мисли. Тоа е книга за личниот пресврт. За мигот кога човек престанува да се правда. Кога престанува да се троши на луѓе што не го гледаат. Кога сфаќа дека мирот не е себичност, туку спас. Кога разбира дека да се избере себеси не значи да се отфрлат другите, туку конечно да не се отфрла сопствениот живот.

Ова е книга за жените што премногу долго биле храбри и кога никој не видел колку ги боли. За оние што биле ќерки, мајки, сестри, сопруги, пријателки, поддршка за сите – а премалку за себе. За оние што еднаш мора да си кажат дека не е доцна за нов почеток, за нов мир, за нова насмевка и за живот во кој нема постојано да преживуваат, туку навистина ќе живеат.

Инаку, Дизграм е псевдонимот под кој пишува Д. И. Зораниќ – автор роден во Сараево, кој повеќе од две децении живее во Данска. Пред да стане регионално препознатлив како писател и автор на инспиративни прозно-поетски записи, работел во новинарство, радио и телевизија, дизајн, комуникации, универзитетска настава и медиуми. Неговата биографија често се поврзува и со патувањата низ 75 земји, со интересот за луѓето, емоциите, односите, личниот развој и оние мали животни моменти што најчесто стануваат најважни.

Во македонското издание на „Овој пат се бирам себеси”, Дизграм доаѓа како автор што не им зборува само на читателите, туку зборува наместо нив – за она што го чувствувале, но не секогаш умееле да го кажат.

„Овој пат се бирам себеси” е книга што се купува за себе, но речиси веднаш се помислува и на некој друг кому му е потребна: пријателка, сестра, мајка, сакана личност, човек што премногу издржал и заборавил колку вреди.

Затоа оваа книга доаѓа како подарок, како потсетник и како лична одлука: овој пат – се бирам себеси.