Битола вчера во попладневните часови ја зафати силно невреме. Уште еден дожд. Уште едно „изненадување“. многу од улиците станаа вистински реки, а екипите на „Нискоградба“ мораше да интервенираат до доцните ноќни часови.
Нов дожд, стари проблеми, на новите улици. Ова се денеска коментарите на битолчани по вчерашното кусо но интензивно врнење на дожд пропратено со грмежи.
„8 Септември“ – кај бензиската, „Железничка“ – кај Император, Карпош – кај Кланица, Стрчин, Курдерес, Раштанскиот порој, улица „Бурса“, улица „Цар Самоил“, Горно Оризари – на улица Крсте Нале, „Партизанска“– пред Медицина на трудот – листа толку позната што речиси може да се користи како мапа на хроничните инфраструктурни проблеми во градот. Скоро по секое невреме се повторуваат истите слики, поплавени сообраќајници, вода што се слива по улиците како река, навлегла во дворовите и визбите, и
Пи-Ар фотографии од успешна интервенција на „Нискоградба“, „Водовод“, „Комуналец“ – сите комунални претпријатија кои имаат машинерија за систематски да ги одржуваат улиците со атмосферската канализација .
Состојбата на улиците покажа дека проблемот не е дождот, туку подготвеноста на градот да го пречека. Дали ова се случува заради долгогодишниот проблем на ненавремено или нецелосно исчистени канали, затнати сливници и шахти кои при секој поголем дожд стануваат тесно грло? Од Општина соопштија дека на „одредени места решетките не можеa да ја соберат водата која се слевала од повисоките делов на градот“. А ова води до прост заклучок – дека Битола има улици само за сонце.

Бројни се и долготрајни изградбите и реконструкциите на улиците низ целата општина, па оттука интересна е споредбата на повозрасните битолчани дека „на Тито улиците се поквалитетно направени од овие на“ … нашата генерација. Се внимавало на пад, нивелација, а се случувале и поголеми дождови од вчерашниот.
Секој нов дожд во Битола е веќе виден стар проблем. Па и коментарите на старите се остра критика дека новите и реконструирани улици се тие кои немаат капацитет да ја примат водата. Па заклучуваат дека очигледно на нашата генерација и е поважно да се слика на свечено отворање и за на фејсбук, да сработи со математичка фискултура на предвидените буџетски пари, отколу да направи квалитетна улица.
По невремето и поплавените улици, Општина Битола објави фотографии од багери и цистерни и изморени работници.
Но јавноста, оние повозрасните, велат успехот не се мери според брзината на испумпување на водата од улицата откако таа ке стане река. Успех на градот, и политички на власта, е кога таа улица повеќе нема да се најде на списокот за интервенција. Сега сите жители знаат на кое место колкаво езерце ќе се појави и колку време ќе стои како баричка.
Дождот од вчера попладне не отворал тендер, не слушал прес конференции ниту пак гледал свечени отворања. Само покажа дали нешто е направено како што треба.












