Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола утре заокружува 36 години од своето основање. Како една од првите и најголемите политички организации формирани во зората на македонскиот плурализам, овој комитет во изминатите три децении се етаблираше како клучен фактор на десницата, чии кадри вкупно 20 години ја предводеа локалната власт во градот под Пелистер.
Историјата на битолскиот комитет е динамична и ги рефлектира клучните фази низ кои помина партијата на национално ниво. Од првиот претседател на тогашното Општинско Собрание, Златко Милошевски, па сè до актуелниот претседател на комитетот Горан Исков, партиската структура во Битола се соочуваше со низа внатрешни реорганизации и промени на лидерските позиции во различни политички периоди.
Почетоците на битолскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ, како и на организацијата во државата генерално, воопшто не беа лесни. Партијата се соочуваше со сериозен, главно поради тоа што од голем дел од граѓаните се перципираше како радикална и националистичка структура. Сепак, низ годините, кадрите кои раководеа со комитетот успеаја да го репозиционираат партискиот имиџ, со што успеаја да го прошират гласачкото тело и да ја освојат довербата на пошироката битолска јавност.
Еден од најсериозните тестови за стабилноста на локалната структура беше партискиот раскол во 2004 година, кога поделбата на партијата и формирањето на ВМРО-Народна партија предизвикаа кадровско прегрупирање и длабок раздор во битолскиот комитет. Сепак, веќе на локалните избори во 2005 година, партијата успеа да се консолидира преку внесување на нови кадри во своите редови.
Во периодите кога кадри на ВМРО-ДПМНЕ раководеле со локалната самоуправа, покренати се и реализирани неколку крупни проекти кои го променија урбаниот изглед и економската рамка на Битола.
Трансформацијата на некогашната воена касарна во цивилна зона отвори простор за интензивно урбанистичко ширење на Битола. На овој простор се развија нови станбени и деловни блокови, се пробија нови сообраќајни врски, а дел од капацитетите беа наменети за високото образование, со што комплексот доби сосем нова социјална функција во градот.
Отворањето и инфраструктурното уредување на Индустриската зона Жабена зоната ги постави темелите за привлекување на сериозни странски инвестиции, пред сè германскиот капацитет „Кромберг и Шуберт“ во 2013 година, што резултираше со отворање на илјадници работни места за Пелагонискиот регион во период на висока невработеност.
Во соработка со централните институции, во Нова Битола беа изградени наменски згради за социјално ранливите категории, со што дел од загрозените семејства и социјални групи го решија своето станбено прашање.
Сепак, како и секоја локална власт со долг политички стаж, раководењето на партијата со Битола денес не поминува без јавна дебата и забелешки. Така, атуелната локална самоуправа сè почесто се соочува со критики за динамиката на реализација на ветените капитални проекти, како и со начинот на менаџирање со општинскиот буџет, транспарентноста и отчетноста во работењето.
Утрешниот 36-ти роденден на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Битола доаѓа во време кога партијата повторно ја има целосната одговорност за локалната власт. Изминатите три децении покажаа дека оваа структура не е само партиски изборен механизам, туку сериозен фактор чии одлуки и проекти оставија траен урбан, економски и културен печат во меморијата и изгледот на градот Битола.
Токму затоа, следниот период ќе биде клучен тест за тоа дали новото партиско раководство, во сорабтока со локалната самоуправа ќе успее да ги надмине тековните предизвици и да испорача решенија кои ќе одговорат на современите барања на битолчани.












