ТЕРА

REKLAMA???

Нова управа, стари прашања во ФК Пелистер

Обраќањето на новиот претседател на ФК Пелистер до јавноста, преку однапред снимено видео, е класичен фудбалски натпревар пред празни трибини, каде што клубот игра сам со себе, уплашен од сопствената публика. Првиот човек на Пелистерци, Димитар Митревски, има сериозно менаџерско искуство во врвен спортски колектив и добро знае како функционираат професионалните односи со јавноста и медиумите. Зошто овој пат се одлучил на ваков чекор, веројатно ќе дознаеме кога медиумите ќе бидат повикани на прес-конференција во ФК Пелистер.

Ако го погледнете официјалниот профил на ФК Пелистер на Фејсбук, сè изгледа идилично. Секојдневно се бомбардира јавноста со вести за фудбалери – повратници, за потпишани договори, почеток на подготовки за следната сезона и информации дека стручниот штаб е комплетиран. Се креира перцепција на перфектно подмачкана машина каде што сè функционира во најдобар ред.

Но, зад оваа евтина ПР-шминка се крие класично бегство. Никаде, во ниту една објава или видео-монолог, нема ниту еден збор за тоа што новиот стручен штаб и менаџмент всушност наследија. Пред јавноста се сервираат нови лица, но се бега од расчистување со старите гревови.

Дека се работи за свесна одлука на Општина Битола и на самиот клуб целосно да се оглушат на прашањата на јавноста, докажуваат и скандалозните одговори добиени по барањето за пристап до информации од јавен карактер. Општината ладнокрвно тврди дека ревизија на финансиските извештаи на клубот за 2025 година веќе е извршена. Но, каде е тој извештај? Зошто оваа ревизија упорно се држи во тајност како да е државна тајна и зошто никој во градот не зборува за неа? Што има во тие документи што битолчани не смеат да ги видат?

Истовремено, светлото на денот сè уште го нема видено мистериозниот список од 66 лица кои биле на платниот список на ФК Пелистер. Кои се овие луѓе? Каков е нивниот придонес за клубот и колку пари од граѓаните на Битола завршиле на нивните сметки? Молкот на Општината директно го храни сомнежот дека во клубот со години се таложеле партиски, менаџерски или роднински „заслужни граѓани“.