ТЕРА

REKLAMA???

Битолски пазарџиски караници – кој е одговорен ?

Продажниот простор Реон 6 на градскиот пазар и ова лето врие од трговци, пазарџии, приоизводители и семејства кои и покрај сите забрани, правила и реакција од закупците на тезги, преспиваат во текот на ноќните часови.

Приказнава е далеку од романтична сторија за хуманитарниот аспект на менаџментот на ЈП Пазари.

Поаѓајќи од реакција на граѓани кои испратија фотографии за состојбата со хигиената во текот на викенд , ТЕРА денеска стигна во Реон 6.

Обидот на ТЕРА ТВ да ја документира состојбата со нехигиената на Градскиот пазар во Битола заврши со вулгарни гестови, бркање на снимателот и барем засега институционален молк, директорот на претпријатието користи годишен одмор.

Додека снимателот ја регистрираше нечистотијата под паркираните камиони од кои се продава стока, еден од тезгаџиите наместо да одговори на прашањето за хигиената, реши да ни се покаже.

За неколку секунди кон снимателот се стрчаа и други лица, по што тој беше принуден да се повлече од делот на пазарот каде што се наоѓаат камионите.

Ниту разговорот со дел од продавачките и објаснувањето дека новинарска екипа има право да снима на јавно место и да информира за состојби од јавен интерес на почетокот не помагаа.

Жените кои продаваат на овој дел од пазарот велат дека секој месец плаќаат околу 18.000 денари за камионите и за правото да продаваат, но тврдат дека не можат бесплатно да го користат тоалетот, дека за тоа мора дополнително да плаќаат и дека немаат обезбедено вода.

Кога страстите се смирија, конечно добивме изјави и признанија кои отвораат сериозни прашања.

Другата на страна на оваа приказна се реакциите на другите трговци, кои иако полни со критика за новинарската работа, сепак емотивните реакции ги манифестираат поради изградената недоверба кон надлежните. Оваа состојба се повторува секоја година велат. Сите што потпишуваат договор за изнајмување на тезги треба да ги почитуваат правилата, а и јавното претпријатие треба да ја прошири дејноста со „преспивање“ ако може сопствениците на камионите да престојуваат и по затворањето на пазарот. А во понеделник, сликата е поразителна .

Контејнерите поставени на крајниот дел од пазарот, во близина на тоалетите, често стојат празни, додека отпадот се фрла меѓу нив, создавајќи мини-депонија веднаш до местото каде што секојдневно се продава храна.

Дополнителен апсурд е што, според увидот на ТЕРА ТВ, ЈП „Пазари“ го изнајмило и просторот кој претставува единствен пристап до контејнерите. Денес таму имаше кокошки, пилиња и два зајаци, што дополнително го отежнува одлагањето на отпадот и отвора дилема дали воопшто некој ја контролира организацијата на пазарот.

Една од тезгаџиките јавно побара средба со советниците во Советот на Општина Битола. Таа тврди дека проблемите со години се игнорираат, иако до Советот биле испраќани повеќе претставки. Пред околу година и половина в Општина поднеле петиција со која барале решавање на проблемот. Но, поединци со години ги прекршувале правилата , досега без никакви санкции. Згора , имаат силно емотивни реакции кои често се на граниза на закани и загрозување на безбедност. Па каде што владее силата на зборот, не владее зборот на законот.

И сите бараат комунален инспектор. Ако со месеци на пазарот некој преспива, пазарата инспекција треба да има работа. На крај , ако постојат договори со закупците, зошто и како тоа ЈП Пазари неможе да ги контролира?

И на патот кон дирекцијата на ЈП пазари има губре, но не толку многу. Без смрдеа. Сите реакции на трговците закупци на тезги засега ќе останат без одговор од директорот, кој во моментов користи годишен одмор.