Иако водата во трите природни езера во земјава во најголем дел е безбедна за капење, најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) открива дека старите проблеми со загадувањето и понатаму остануваат нерешени. Сепак, за разлика од критичната состојба кај Охридското Езеро, состојбата во Преспанското Езеро е значително постабилна.
Според податоците на ИЈЗ, во Преспанското Езеро ризикот од загадување е оценет како низок, што е позитивна вест за локалното население и туристите во шпицот на сезоната. Водата на најголемиот дел од мерните места ги исполнува законските критериуми за квалитет.
Сепак, извештајот детектира и слабости кои бараат итна реакција. Дел од отпадните води во преспанскиот регион и понатаму се собираат во попивни јами, а одреден број на викендички сè уште немаат соодветен систем за одведување на отпадните води.
Оттука препораката на ИЈЗ за заштита на Преспанското Езеро е итно и подобро управување со отпадните води, како и поефикасно справување со цврстиот отпад во околните населени места и туристички локации.
Додека Преспа бележи релативно стабилна состојба, најкритична останува состојбата во Охридското Езеро. Таму фекалните води, неисправната канализација и фактот што голем број хотели, ресторани и куќи не се приклучени на колекторот, сериозно го загрозуваат езерото.
Кај Дојранското Езеро, пак, најголемата опасност доаѓа од пестицидите и вештачките ѓубрива од околните земјоделски површини, поради што се предлага заедничка акција на Македонија и Грција.
Генералниот заклучок на Институтот за јавно здравје е дека е потребно целосно ставање во функција на колекторските системи и приклучување на сите објекти на канализациските мрежи за да се сочуваат нашите најголеми природни богатства.
Каква е состојбата со загадувањето на Преспанското езеро











