ТЕРА

REKLAMA???

Напуштените дуќани во Битола не смеат да бидат контејнери за отпад

Тажна глетка на чаршија – дел од дуќаните со спуштени ќепенци, дел полни со ѓубре

Старата битолска чаршија, која со векови важеше за срцето на еснафот, занаетчиството и градскиот дух, денес нуди тажна и загрижувачка слика. Наместо да биде уреден еколошки бисер и магнет за туристите, делови од чаршијата се претвораат во запуштени зони каде доминираат ниската еколошка свест и негрижата.


Сликата на терен е поразителна: дел од дуќаните се со трајно спуштени ќепенци, но она што е уште позагрижувачко се оние кои се отворени, а нефункционални. Внатрешноста на дел од нив се претворени во мини-депонии полни со пластика, картони, тврд отпад и шут.


Состојбата во чаршијата веќе не е само естетски проблем, туку сериозен еколошки предизвик за Битола. Насобраното ѓубре во затворените простори, особено во текот на топлите летни денови, претставува потенцијален извор на зарази, привлекува глодари и шири непријатна миризба низ тесните чаршиски сокаци.

„Ова е недозволиво за локација која треба да биде заштитено културно наследство. Наместо да зборуваме за зелена трансформација, за засадување на урбано зеленило и за зачувување на автентичниот амбиент, ние се соочуваме со најелементарна некултура и еколошка неодговорност“, коментираат преостанатите дуќанџии кои секојдневно се трудат да одржат амбиент кој ќе привлече купувачи.


Проблемот дополнително се усложнува поради нерасчистените сопственички односи на дел од објектите, што често служи како изговор за нереагирање. Сепак, еколошките активисти и граѓаните се децидни: јавниот интерес и заштитата на животната средина мора да бидат над приватниот имот.


Но, за да се постигне тоа, потребно е итно будење на свеста. Напуштените дуќани не смеат да бидат контејнери за отпад.