ТЕРА

REKLAMA???

Пелистер ги инспирира младите да станат заштитници на шумите

Младите најдобро учат како да ја чуваат природата преку практични искуства во природа. Ова го потврди и работилницата за заштита на шумите која се одржа во Националниот парк Пелистер, а во која учествуваа средношколци од Битола и Прилеп, меѓу кои и ученици од СОУ „Таки Даскало“ од Битола.

Младите учесници имаа можност организирано да го посетат Инфо-центарот на Пелистер и низ пешачка тура до новите моликови насади одблизу да се запознаат со непроценливите природни богатства на овој национален парк во рамките на посетата која Здружението “Граѓански Патеки“-Битола ја организираше во соработка со Националниот парк Пелистер како дел од иницијативата „Заштитници на шумите“.

 

За време на престојот на Пелистер, стручни претставници на националниот парк одржаа предавања и детално го презентираа шумското богатство и богатата разновидност на диви животни што живеат во паркот. Тие ставија посебен акцент на итноста и потребата од негова заштита, потсетувајќи дека Пелистер не е само туристичка атракција, туку е клучен извор на свеж воздух и еден од најзначајните еколошки ресурси во регионот и пошироко.

Оваа посета уште еднаш потврди дека Пелистер е одлично место за т.н. искуствено учење. Наместо само низ теорија во училишните клупи, младите тука можат практично да го видат, почувствуваат и искусат она што го учат. Природата се претвори во нивна училница, каде секој чекор нуди жива лекција по екологија и ботаника, но и лекции како секој може да придонесе за заштита на животната средина.

Главната цел на оваа иницијатива е поттикнување на јавната свест кај младата популација за заштита на шумите, како и низ искуствено учење во природа да ги инспирира младите учесници да пререаснат во активни креатори на еко кампањи. Преку својата креативност, средношколците ќе имаат задача да ја истакнат важноста на автохтоната молика на Пелистер, но и да ја зајакнат граѓанската свест дека шумите се нашиот најголем штит од ерозија и незаменлив извор на кислород.

Пораката што младите ја понесоа со себе од оваа авантура е јасна: шумите се национално богатство, а нивната заштита и зачувување е споделена одговорност на секој поединец.