ТЕРА

REKLAMA???

МЛАДИТЕ,МЛАДИ ,НИВНИТЕ ПРОБЛЕМИ СТАРИ

Денеска е 12 август, меѓународниот ден на младите. Додека институциите ја одбележуваат датата со најави за нови стратегии, младите во земјата и понатаму се соочуваат со стари предизвици: системска недоверба, потрага по квалитетно образование и прашањето дали својата иднина да ја градат тука или по белиот свет. Каков е статусот на младинската популација и што говорат најновите податоци? Битола е  град со огромни контрасти за младиот човек. Такви се барем општите заклучоци по различните анкети и истражувања кои се некој од време на време или во континуитет ги работи.  Па така, сумирано од сите анкети изработени во последните десетина години,Битола нуди уникатен квалитет на живот благодарение на природните ресурси на Пелистер, силниот уметнички и културен дух, како и сè поголемата заедница на млади ИТ-професионалци кои работат од далечина за светски компании и избираат да останат во својот роден град. Но, од друга страна, младите  Битолчани се соочуваат со лимитиран опсег на традиционални работни места во индустрискиот сектор, недостаток на функционална и соодветна вклученост во донесувањето на одлуките, а својот активизам во опшштеството најчесто го манифестираат во работа на еколошките проблеми, затоа што, тоа е најпристапната област и засега токму еколошкиот активизам ужива статус на најприроден пат за младинско делување, за кое не е потребна ниту партиска припадност. Вториот општ впечаток, за зачленување на млади во политичките партии е дека кај нас, но и на Балканот, кадешто политизацијата на општеството е на највисок степен со децении, е дека прагматичноста е нивна водилка, а не вистинското политичко ангажирање за градење на вистинска кариера во политиката. И иако младите генерално имаат негативен став кон припаѓањето на политички партии, овие секогаш имаат бројни свои членови. И во сите теми, анализи, прашања и подпрашања кои се поврзани со младите кај нас, Битола не е различна од другите градови во државата. Според започнатиот консултативен процес и спроведените анализи на новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади, како и наодите на Бирото за развој на образованието за 2026 година, фокусот на државните политики за првпат поагресивно се насочува кон финансиската писменост, практичните вештини за пазарот на труд и директното спречување на демографското празнење. Но, за заклучокот од сите претходни истражувања на граѓанскиот сектор да се смени, потребни се брзи резултати. Години наназад, главниот епилог од сите анкети е ист: над половина од младите чувствуваат дека нивниот глас не се слуша во локалните одлуки, додека партизацијата, корупцијата и ризичните однесувања како коцкањето во раната возраст остануваат сериозен аларм.Ако се направи споредба со регионот, Македонија и понатаму предничи по стапката на млади луѓе кои посакуваат да заминат во странство. Регионалните студии покажуваат дека додека во Хрватска и Словенија овој процент се движи меѓу 20 и 25 проценти, кај нас над 40 отсто од младите генерации ги пакуваат куферите за европските земји. Примарниот мотив на целиот Балкан е финансискиот напредок, но во Македонија преовладува и разочараноста од квалитетот на јавните услуги и образовниот систем.Меѓународниот ден на младите, што и Битола го одбележува со серија на трибини и средби,  потсетува дека политиките за младите не смеат да останат само рамка на хартија. Без суштински промени во квалитетот на живот и реална поддршка на нивните потенцијали, пораката што младите ја испраќаат секој 12 август ќе продолжи да биде предупредување. А за тоа сепак, одговорноста ја делат со возрасните.