ТЕРА

REKLAMA???

НП „Пелистер“ ќе ги скенира мечките-вклучува генетска лупа

Во Инфоцентарот на НП „Пелистер“ започна стручна работилница и тренинг што во фокусот ја има кафеавата мечка.

Имено, со одржувањето на првата стручна работилница во ЈУ Национален парк „Пелистер“, официјално започна првиот генетски мониторинг на кафеавата мечка (Ursus arctos) во Македонија. „Овој современ, неинвазивен пристап претставува клучен чекор кон добивање попрецизни и научни податоци за бројноста, животниот простор и генетската разновидност на овој заштитен вид“ се вели во соопштението од НП „Пелистер“.
На теренската обука, ренџерите и вработените во паркот ги совладаа методите за собирање примероци (измет), како и стандардизираните протоколи за нивно правилно обележување, складирање и евидентирање. За успешно спроведување на активноста, обезбедени се и специјализирани теренски прибори.

Кафеавата мечка е строго заштитен вид. Со Законот за ловството во Македонија (нејзиниот лов е целосно забранет) и е ставена на националните и европските листи на загрозени видови. Досега се претпоставува дека во земјава живее популација од околу 160 до 200 единки, чии основни јадра се наоѓаат ткму во националните паркови ( Пелистер, Галичица, Шар Планина, Маврово,) и на Јакупица.

Генетскиот мониторинг и научните истражувања предвидени со проектот носат конкретни, мерливи придобивки кои драстично ќе го променат начинот на кој се управува со оваа загрозена популација. Наместо паушални или неофицијални проценки, за првпат ќе се добие точен број на поединечни единки (преку нивниот единствен DNA профил). Ова овозможува да се утврди точниот пол, возраста и структурата на целата популација во земјава.

Генетските податоци ќе откријат како мечките се движат помеѓу масивите, од Пелистер кон Галичица, Маврово или преку границата кон Грција и Албанија. Со тоа ќе се дефинираат транзитно важните еколошки коридори и ќе се спречи нивно пресекување со инфраструктурни објекти.

Со познавање на точните маршрути, сезонските навики и местата каде што мечките се хранат или се приближуваат до населените места, ќе можат да се преземат превентивни мерки. Тоа вклучува поставување заштитни соларни електрични огради за пчеларниците и земјоделците, подобро управување со отпадот и намалување на штетите на приватниот имот.Бидејќи мечките не познаваат државни граници, податоците од Пелистер ќе се споредуваат и поврзуваат со оние од соседните земји во рамките на прекуграничната Динарско-Пиндска мрежа, овозможувајќи хармонизиран систем за заштита на целата популација во Југоисточна Европа. И овој мониторинг се реализира во рамките на проектот LIFE DinPin Bear (LIFE24-NAT-DE-LIFE DinPin Bear/101214048), кофинансиран од програмата LIFE на Европската Унија, во партнерство со Македонското еколошко друштво (МЕД), Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).

Бидејќи секоја мечка поседува уникатен генетски запис, лабораториската анализа на собраниот материјал ќе овозможи да се идентификуваат поединечните единки и за првпат да се добие реална слика за состојбата на популацијата. Добиените податоци се од суштинско значење за изработка на долгорочни стратегии за заштита, спречување на конфликтите меѓу луѓето и мечките, како и за одржливо управување со нивните живеалишта. Вработените во НП „Пелистер“, поради секојдневната присутност на терен, ќе бидат носители на оваа активност, којашто може да се реализира само во лето.