Она што започна како летна забава, за помалку од десет дена се претвори во класичен институционален дебакл, зачинет со административно криење зад факти, скапи јавни набавки „во четири очи“ и преселба на ФК Пелистер на туѓ терен. Додека битолчани се прашуваат каде исчезна зелениот килим на стадионот Петар Милошевски, надлежните си ја префрлаат топката со речник кој ја навредува интелигенцијата на јавноста.
За да се разбере како стигнавме до Кавадарци, мора да се погледне хронологијата на ова фудбалско-политичко „крпење“. Скандалот официјално “пукна” кога Тера Телевизија ја објави првата репортажа, прашувајќи јавно што се случува со тревата на стадионот по одржувањето на големите естрадни концерти. Наместо подготвен терен за новата сезона, камерите документираа оштетена, пожолтена подлога, која повеќе личеше на запуштена нива отколку на фудбалски објект со рефлектори во кој се инвестираа милиони.
И покрај очигледната катастрофа, некој дозволи натпреварот од 1. коло против дебитантот ФК Камјани да се одигра во Битола. Регионалната телевизија М Нет го емитуваше овој натпревар во живо, а гледачиte пред екраните и присутните на трибините беа сведоци на вистинско фудбалско мачење на „жолтиот терен“. Гостите од Камењане си заминаа со историски бод, а стручниот штаб тактички молчеше за условите.
По десет дена молк, притисок од јавноста и можеби негативни извештаи на делегатите на ФФМ, ФК Пелистер конечно призна дека има проблем, но на исклучително кукавички начин. Преку соопштение, клубот ја информираше јавноста дека натпреварот од 2. коло против Брера ќе го игра во Кавадарци. Наместо извинување за уништениот терен, управата употреби ПР-пакување. Дебаклот го нарече „активности за обновување“, одлуката ја сокри зад грбот на ЈП „Комуналец“ и ФФМ, а за да го смири евентуалниот револт, понуди „слободен влез“ на 80 километри оддалеченост од Битола.
Додека јавноста реагираше за состојбата на теренот, на површина излезе нов, фрапантен момент. Точно пред тревникот да се претвори во нива, Општина Битола потпишала договор за набавка на шест машини за одржување на стадионот во вредност од 4.373.550 денари (над 71.000 евра)! На тендерот се појавил само еден единствен понудувач – скопската фирма „КОЛИБРИ-Мирјана и други“ ДОО, компанија чии приходи мистериозно експлодирале од 13,2 милиони во 2023 на дури 41,4 милиони денари во 2025 година. Општината со денови ја криеше оваа набавка.
По оваа ретроспектива на лаги, премолчувања и милионски тендери, логично се наметнуваат прашањата кои локалните власти и менаџментот на клубот упорно ги избегнуваат:
– Кој погреши и не го заштити теренот соодветно при одржувањето на концертите?
– Кој воопшто дозволи да се игра првиот натпревар во Битола?
– Ако дури сега се купува оваа скапа механизација, со што и како се одржуваше теренот досега?
– Кој соодветно ќе обучи луѓе да ракуваат со новите машини од 70.000 евра за да не отидат и овие пари во „ветер и прашина“?
– Кој ќе ја плати штетата за преселбата во Кавадарци?
– Кој ќе сноси одговорност за оваа лакрдија?











