Поминаа точно 115 денови откако Зоран Стојчевски застана на чело на СДСМ Битола, а билансот во јавноста се оценува како повеќе од скромен: долг период на молк, силен впечаток за кадровска пасивност и низа отворени прашања во чаршијата за можни задкулисни компромиси. Кој ја „стивна“ битката против локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, е прашање што се почесто ги мачи поголемиот број наши сограѓани.
Битолчани добро го паметат Зоран Стојчевски од времето кога како советник гласно и енергично дебатираше против тогашниот градоначалник Владимир Талески. Каде исчезна тој препознатлив политички нерв? Одговорот на ова прашање локалната јавност сè почесто го бара во приватните и фамилијарните поврзаности. Стојчевски вчера по втор пат се појави во јавноста, и тоа пред камерите на влезот на Рудникот Суводол со прес-конференција која наместо опозициска острина, понуди млака реторика спакувана во прашања и дежа-ву фрази.
Наместо да понуди цврсти докази, фотографии или документи за наводните одрони и прекинот на ископот, првиот социјалдемократ на Битола се сокри зад добро познатата флоскула „според нашите сознанија“. Поупатените во локалната политика веднаш препознаа реторичка рециклажа. Тоа е истата онаа празна фраза што на времето во Советот редовно ја повторуваше Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Овие свесни или несвесни “лапсузи” во јавноста сè почесто се коментираат како впечаток дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ почнаа опасно да си личат дури и во реториката. Коинциденција или не, ама јавна тајна е дека токму Бојкоски со години е меѓу најчестите гости во ресторанот на братот на Стојчевски. Иако нема никаква потврда за некаков пакт, неговиот вчерашен настап на национални теми покажа дека СДСМ Битола свесно го одбегнува локалниот терен на градоначалникот Тони Коњановски.
Парадоксот да биде поголем, неговата “десна рака”, секретарот Дејан Србиновски, кој во 2021 година беше препознатлив како еден од носителите на острата кампања против Коњановски, денес е апсолутно отсутен од јавноста. Многумина неговото повлекување го толкуваат како тактизирање и желба за заштита на сопствениот професионален статус во РЕК Битола, со што успешно се одбегнува каков било директен политички реваншизам, за разлика од многу негови сопартијци кои се жалат на притисоци.
На СДСМ засега не му е од корист и организацискиот преседан што го направи Стојчевски. За првпат во историјата на огранокот, партијата функционира со двајца организациони секретари – Борче Корлевски и Димче Дамчевски. Наместо очекуваната ефикасност во работата, партиските алапачи сметаат дека ова компромисно решение „за мир во куќата“ создава преклопување на надлежностите и двојна неодговорност.
Самиот Корлевски, како долгогодишен советник, во јавноста веќе се доживува како дел од старата кадровска матрица. Неговиот кредибилитет во минатото беше ставен под лупа по јавните прозивки околу етничкото изјаснување на неговата сопруга при вработувањето, а неговиот тренерски ангажман во ЖРК Пелистер токму во време на градоначалникот Коњановски, кај политичките опоненти дополнително ги подгрева сомнежите за неговата принципиелност како опозиционер.
И додека партијата во Битола има двајца организациони секретари од кои сеуште се очекуваат некакви резултати, локалниот младински огранок (СДММ) повеќе од една година е без официјален претседател по оставката на Андреј Гулабовски, кој пак сега е член на Извршниот одбор на партијата. Како негов најголем политички хендикеп во опозициското дејствување останува неговото работно место во Општина Битола. Според тврдења на вработени во локалната самоуправа, неговите секојдневни работни обврски се тесно поврзани со секретарот и градоначалникот на Општината, што креира перцепција за сериозен внатрешен конфликт на интереси оти тешко е наутро професионално да соработуваш со локалната власт, а попладне суштински да ја критикуваш.
Така, во отсуство на визија и стратегија за работа, опозициското дејствување на теренот сè почесто се сведува на ад-хок ПР-акции. Советничката Софија Ристевска Петрушева привлече огромно внимание во јавноста со видео-перформанс во кој влезе до колена во асфалтна дупка лоцирана, прилично иронично, токму пред партиското седиште на СДСМ. Иако акцијата резултираше со експресно крпење на дефектот, граѓаните забележуваат дека опозицијата се мачи да ги регистрира и да понуди решенија за покрупните проблеми на битолчани, фокусирајќи се на она што им се наоѓа пред очи.
Овој модел на социјален и инфлуенсерски активизам веќе подолго време е заштитен знак на независната листа „Поинаку“. Нивната препознатлива шема на снимање камиони со ѓубре и откривање на комунални дефекти е добредојдена за граѓаните, но критичарите потенцираат дека нивното влијание останува главно на ниво на визуелен театар. И покрај тоа што во своите редови имаат правно писмени лица, Поинаквите и понатаму не иницираат официјални правни и кривични постапки против одговорни лица во општината или јавните претпријатија. Од една страна обвинуваат за некаква продажба, а од друга не сакаат да влезат во длабокото, што повторно создава сомнежи за контролиран пазар со власта.
На крај, политичката партија Левица, во Битола остава впечаток на целосна отсутност и непрепознатливост. Партијата која на централно ниво се профилира преку радикален бунт, на локално ниво е сведена на повремени соопштенија на социјалните мрежи и иницијативи во Советот на општината кои секако се добредојдени, но немаат опозициска острина, ниту набој за покренување поголема општествена акција.
Крајниот резултат од актуелниот битолски опозициски мозаик оди во прилог единствено на ВМРО-ДПМНЕ. Со СДСМ заглавен во внатрешни калкулации и кадровски парадокси, „Поинаку“ фокусирани на локален популизам и Левица во политичко сивило, градоначалникот Тони Коњановски се наоѓа во исклучително комотна позиција – да управува со градот без да се соочи со сериозен, суштински и институционален притисок од опозицијата. Битола сè уште чека вистинска алтернатива, но засега добива само ПР-претстави.











