Повикувајќи се на последната прес-конференција на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на која беа презентирани резултати, проекти и визија за развој на градот, како и на јавно изразената заложба на локалната самоуправа за транспарентност, денес се обративме до општината со Барање за детално појаснување на одредени клучни точки од извештајот.
Барањето за одговори на 82 прашања во врска со реченото на прес конференцијата, како и во однос на актуелни состојби во Општина Битола, го испративме лично до градоначалникот Тони Коњановски, до лицето за контакт со медиуми во Општина Битола, Викторија Христовска и до секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски.
Како медиум кој се води од принципот на објективно информирање и заштита на јавниот интерес, сметаме дека вистинската транспарентност не завршува со презентирањето на збирни бројки и ПР-извештаи, туку со демистификација на секој денар потрошен од буџетот на граѓаните на Битола. Локалната самоуправа има законска и морална обврска пред јавноста да понуди точни, прецизни и мерливи податоци и индикатори за фазите на реализација на ветените проекти, склучените договори, како и за актуелните проблематични теми кои ја брануваат битолската јавност.
Почитувани граѓани,
Доколку и вие имате прашања за одговорните во Општина Битола, ве повикуваме и ве охрабруваме да ни ги напишете во коментар или во порака, а потоа ние ќе ги проследиме до надлежните лица и ќе инсистираме на одговори.
Листата со прашања што ја пративме до Општина Битола е следна:
1. Кои се конкретните 81 проект одобрени од двата владини повици од унгарскиот кредит? Ве молиме да ја доставите комплетната листа со поединечната проценета вредност за секој од нив.
2. За колку од овие 81 проект досега се распишани тендери (јавни набавки), за кои се изберени понудувачи и кои се фирмите што ги добија договорите?
3. Дали за некој од веќе започнатите проекти од овој пакет е потпишан анекс на договорот за дополнителни средства или продолжување на рокот, и доколку да, за кои проекти и во кој износ?
4. Колку од овие проекти во моментов имаат само одобрена проектна документација, а колку се уште во фаза на идејни решенија?
5. Кои конкретни улици и локални патишта (во урбаниот и руралниот дел) влегуваат во километражата од „над 10 км обновена и новоизградена патна инфраструктура“?
6. Колку од нив се целосно завршени со технички прием?
7. Кои фирми ги изведуваа градежните работи?
8. Дали за некоја од нив имаше анекс-договори за дополнителни непредвидени работи?
9. Кои водоводни и канализациони линии влегуваат во споменатите инвестиции во “ над 3 километри водоводна и канализациона мрежа”?
10. Со кои изведувачи се потпишани договорите за изградба на оваа водоводна и канализациона мрежа?
11. Дали првичните договори ги покриваат сите трошоци или потпишани се анекси кои ја зголемуваат крајната цена на чинење?
12. Во кои точно училишта се наоѓаат 24-те спортски терени и четирите типски сали?
13. Колку чини изградбата на секој терен и на секоја сала поединечно?
14. Кои се избраните економски оператори за нивна изградба/реконструкција и кои се роковите за изведба?
15. На кои конкретни локации во градот се наоѓаат споменатите 220 паркинг места, колку од нив се веќе целосно изградени, а колку се во фаза на планирање? Дали паркирањето на нив ќе биде бесплатно или ќе се воведе наплата преку ЈП „Паркинзи“?
16. Како се дојде до математиката дека е изграден простор за 475 деца, кога во истата реченица градоначалникот рече дека преку адаптација на новата градинка Пчеличка во Домот за доенчиња и мали деца, таму се згрижени едвај 76 деца? Каде и како ќе бидат сместени преостанатите 399 деца кои теоретски се споменуваат во текстот од прес конференцијата?
17. Која фирма беше избрана за адаптација на овој простор, колкава е вкупната вредност на договорот и дали за овој проект беше потпишан анекс за дополнителни средстваили за продолжување на роковите?
18. Може ли општината да соопшти конкретен датум за технички прием и официјално отворање на градинката во Нова Битола, со оглед на тоа што „очекувањето“ не е правно обврзувачки рок?
19. Дали градежните работи и опремувањето на објектот во Нова Битола се целосно завршени?
20. Дали компанијата изведувач ги испочитува првичните финансиски рамки или имаше пробивање на буџетот покриено со анекс-договори?
21. Која е фирмата изведувач која моментално врши „интензивна работа“ на градинката во комплексот АРМ, колку изнесува вредноста на потпишаниот договор за изведба и до кој датум е законскиот рок за завршување на градежните работи?
22. Дали досега за објектот во АРМ се потпишани анекси на договорот кои ја зголемиле првичната цена на чинење?
23. Со оглед на тоа што најавувате намалување на листата за 246 деца дури „идната година“, колку точно деца во Битола во овој момент се наоѓаат на листата за чекање за упис во градинка?
24. Кој е избран понудувач (фирма изведувач) за изградба на училиштето во населбата Буковски ливади и кога точно е потпишан договорот за јавна набавка?
25. Дали сумата од над 31 милион денари ја покрива и комплетната опременост на училиштето, или за внатрешното опремување со нагледни средства и инвентар ќе биде распишан нов, посебен тендер?
26. Дали досега за овој проект е потпишан анекс на договорот за продолжување на роковите или за дополнителни финансиски средства? Кој е официјалниот краен рок кога учениците ќе седнат во клупите на ова училиште?
27. Која компанија е избрана за изведувач на реконструкцијата на поранешната боксерска сала и колку изнесува точната вредност на основниот договор?
28. Дали за овој проект, кој е поддржан од Владата со над 40 милиони денари, досега се потпишани анекс-договори за непредвидени и дополнителни работи и колку пари од буџетот дополнително се потрошени преку тие анекси?
29. Кога започна овој проект, во која фаза е моментално и кој е крајниот рок за негово целосно завршување и пуштање во употреба?
30. Како Општина Битола ја оправдува одлуката да потроши речиси 10 милиони денари повеќе за реконструкција на спортска сала (над 40 милиони денари) отколку за изградба и комплетно опремување на ново училиште (над 31 милион денари)?
31. Во која точно фаза е соработката со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ)? Дали има потпишано официјален Меморандум за соработка или Договор, и кои се законските и финансиските обврски на Општина Битола, а кои на ФФМ за проект за реконструкција на Ќумурното игралиште?
32. Дали за целосната реконструкција на Ќумурното игралиште е изготвен основен проект, дали е распишан тендер и доколку да – која фирма е избрана за изведувач на градежните работи и колку изнесува вредноста на договорот?
33. Колку пари ќе потроши Општина Битола од сопствениот буџет за изградба на новиот спортски терен помеѓу Ќумурното игралиште и Спортската сала „Боро Чурлевски“?
34. Дали за овој терен веќе е избран понудувач на јавна набавка?
35. Дали за кој било од овие два спортски терени досега се потпишани анекс-договори (за промена на рокови или дополнителни средства) и кои се официјалните датуми за почеток и завршување на градежните работи на терен?
36. Што точно значи „подготовки“ за новите 2,7 километри велопатеки? Дали за нив веќе има изработено и одобрено Основен сообраќаен проект и на кои конкретни улици во Битола е предвидено да се протегаат овие патеки?
37. Дали за изградбата на овие 2,7 километри е распишан тендер за јавна набавка, дали е избран понудувач (фирма изведувач) и колку изнесува проценетата вредност на овој договор?
38. Дали новите велосипедски патеки ќе бидат физички одвоени и заштитени со столпчиња (како посебна инфраструктура), или повторно ќе се примени решението со исцртување/фарбање линии врз веќе постојните пешачки тротоари и коловози?
39. Кога точно се очекува да започнат градежните работи на терен и кој е крајниот официјален рок за нивно предавање во употреба?
40. Кој е изведувач на работите за изградбата и реконструкцијата на Киното „Партизан“ во вредност од 96 милиони денари?
41. Дали досега за овој капитален проект се потпишани некакви анекс-договори кои вклучуваат дополнителни финансиски средства или го пролонгираат рокот за изведба?
42. Кој е официјалниот градежен рок за целосно завршување на градежните работи на објектот и кога точно Киното „Партизан“ ќе биде пуштено во функција за граѓаните?
43. Што точно подразбирате под формулацијата дека објектот ќе биде „самоодржлив“? Дали тоа значи дека просторот или делови од него ќе бидат дадени под кирија на приватни бизниси (угостителски објекти, продавници…) за да се самофинансира, или ќе се воведат билети и надомест за користење на салата?
44. Дали општинската установа КИЦ ќе стопанисува со овој објект?
45. Дали во наведената сума од 96 милиони денари е вклучено и комплетното внатрешно акустично и мултимедијално опремување или за тоа допрва ќе се трошат дополнителни буџетски пари преку нови јавни набавки?
46. Со каква официјална методологија располага Општина Битола за да ја утврди бројката од „над 100.000 посетители“ на културните манифестации? Дали станува збор за продадени билети или за паушална ПР-проценка?
47. Како се распределени 45-те милиони денари од Програмата за култура поединечно по манифестации (Бит Фест, Илинденски денови, Фестивал „Браќа Манаки“ итн.)? Ве молиме да доставите финансиски извештај за распределбата на средствата од Програмата за култура.
48. Кои правни субјекти (фирми, агенции, здруженија) беа избрани преку јавни набавки за организација, техничка поддршка (сцена, озвучување, осветлување) и маркетинг за овие манифестации и колку изнесуваат договорите со нив?
49. Дали за некоја од културните манифестации во изминативе 10 месеци беа потпишани анекс-договори за дополнителни средства, надвор од првично предвидениот буџет во тендерската постапка?
50. Како Општината го оправдува фактот што за комплетната културна програма на Битола — град со длабока културна традиција — се издвојуваат дури седум пати помалку средства во споредба со спортската инфраструктура? Дали ова значи дека културата е секундарен приоритет за оваа локална самоуправа?
51. Со оглед на тоа што градоначалникот потенцира „издигнување на нивото на антикорупција и интегритет“, кои конкретни антикорупциски механизми, внатрешни ревизии или нови софтверски алатки за транспарентностсе воведени во Општина Битола во изминативе 10 месеци?
52. Колку средства од општинскиот буџет во изминативе 10 месеци се исплатени кон невладините организации, младинските организации, Младинскиот совет и Младинскиот центар кои се споменуваат како партнери? Ве молиме да доставите листа на поддржани проекти со точни износи.
53. Дали за сервисирање на активностите на Младинскиот центар или Младинскиот совет се распишувани тендери за јавни набавки, кои фирми/здруженија ги добиле и дали имало потпишано анекс-договори за дополнителни средства?
54. На кој начин бизнис секторот и жените претприемачи се „активни партнери“ во процесите? Дали постои финансиска поддршка (субвенции, грантови) од Општината за развој на женското претприемништво или локалниот бизнис и колку точно изнесува таа поддршка во денари за тековната година?
55. На кои конкретни јавни расправи или анкети граѓаните на Битола имаа реална можност да одлучуваат за креирањето на приоритетите во буџетот, со оглед на тоа што во пракса се издвојуваат седум пати повеќе средства за спортска инфраструктура отколку за култура?
56. Со оглед на тоа што вкупниот буџет на Општината изнесува околу 51 милион евра, како ја оправдувате одлуката за програмата за социјална заштита на сите ранливи категории граѓани да одвоите едвај 0,47% (14,6 милиони денари) од вкупната општинска каса?
57. На кој начин се избрани стручните лица и институциите кои ги обезбедуваат логопедските, дефектолошките, психолошките и рехабилитациските третмани за децата со попреченост? Дали се распишани јавни тендери, кои правни субјекти/здруженија се избрани за овие услуги и колку пари поединечно им се префрлени од буџетот?
58. Дали за договорите поврзани со социјалните услуги во тековната 2026 година се потпишувани некакви анекс-договори кои ги менувале првичните суми или услови?
59. Сумата од 1,5 милиони денари за лицата со ретки болести е наменета главно за патни трошоци. Колку е точната бројка на пациенти со ретки болести во Битола што ја користат оваа помош и дали Општината планира системско решение или долгорочна социјална поддршка наместо еднократна покривање на патни сметки?
60. Предвидените 500.000 денари за адаптација на домови се симболична сума (околу 8.000 евра) на ниво на цела општина. Колку домови на лица со попреченост реално се планира да се адаптираат со овие пари во 2026 година и кои се критериумите по кои ќе се одредува кој граѓанин ќе добие помош за пристапност?
61. Дали општината сама ќе ги изведува градежните зафати за адаптација на овие домови преку јавна набавка, кој е изведувачот (доколку има избран) и дали се предвидени казнени одредби или анекси за роковите на изведба?
62. Која градежна компанија беше избрана за изведувач на првата фаза од противпожарната зграда, каде се потрошени над 52 милиони денари општински пари?
63. Како Општината го оправдува фактот што со потрошени дури 52 милиони денари (над 840.000 евра) објектот е дотеран само до фаза на „карабина со поставена дограма“? Како се направени почетните пресметки за со овие милиони да не се заврши објектот целосно?
64. Дали за првата фаза (до карабина) беа потпишани анекс-договори за дополнителни средства или за продолжување на роковите со фирмата изведувач? Ве молиме да наведете колку анекси се потпишани и за кој износ.
65. Што точно содржи договорот за грантот од околу 1 милион американски долари од Министерството за одбрана на САД? Дали овие пари се веќе префрлени на сметката на Општината или се во фаза на одобрување?
66. Кога точно ќе биде распишан тендерот за втората фаза (целосна адаптација и енергетска ефикасност) што ќе се финансира од американскиот грант, и кој е официјалниот правно-обврзувачки рок кога противпожарната зграда конечно ќе биде целосно функционална и пуштена во употреба?
67. Што ќе преземе Општина Битола доколку реализацијата на странскиот грант од САД се пролонгира или доцни? Дали објектот ќе остане во фаза на нефункционална карабина или Општината ќе мора да повлече нови средства од сопствениот буџет за негово довршување?
Бонус прашања:
68. Дали Општина Битола има утврдено правна и материјална одговорност кај организаторите на концертите за уништувањето на тревната подлога на стадионот „Петар Милошевски“?
69. Колку точно изнесува финансиската штета предизвикана врз еден од најмодерните фудбалски терени во државата, за чија изградба неодамна беа потрошени илјадници евра јавни пари?
70. Дали договорите за закуп на стадионот содржеле клаузули и задолжителни анекси за заштита на подлогата(поставување специјални заштитни подни облоги), и доколку не — кој во Општината потпишал дозвола за организирање масовни концерти без соодветна заштита?
71. По катастрофалниот резултат, испаѓањето на ФК Пелистер во Втората лига и колективните оставки на раководството, ветивте „целосна ревизија на досегашното работење“. Кога точно ќе биде финализиран и јавно објавен овој ревизорски извештај?
72. Кое независно ревизорско тело или комисија ја изврши оваа ревизија и дали во извештајот ќе бидат детално опфатени и договорите со спонзорите, како и трансферите на играчи?
73. Со оглед на тоа што Општина Битола е стопроцентен сопственик на клубот, дали досегашните наоди од ревизијата индицираат финансиски злоупотреби и дали Општината ќе поднесе кривични пријави против поранешното раководство доколку се утврди наменско трошење на парите надвор од законот?
74. Кога Општина Битола ќе го објави официјалниот список со име и презиме на сите 66 лица кои во сезоната 2025/2026 биле исплаќани со народни пари од општинскиот буџет преку ФК Пелистер?
75. Каков бил точно ангажманот и работните задачи на секое од овие 66 лица? Колку од нив се активни фудбалери, тренери и медицински персонал, а колку биле ангажирани во администрацијата, ПР или како „надворешни соработници“?
76. Колкав е вкупниот износ во денари што се потрошил за исплата на овие 66 лица во текот на сезоната 2025/2026?
77. Дали Општината ќе овозможи увид во нивните договори за да се отфрлат или потврдат сомнежите во јавноста дека дел од овие лица биле фиктивно ангажирани партиски кадри кои земале плата без воопшто да се појават во клубот?
78. Колку точно изнесува вкупниот буџет потрошен за организација на последното издание на „Бит Фест“ и колкав процент од тие пари се обезбедени директно од Програмата за култура на Општина Битола?
79. Дали Општина Битола ќе ги стави на јавен увид сите поединечни договори склучени со изведувачите, уметниците, како и со фирмите ангажирани за техничка поддршка (сцена, озвучување, осветлување, ПР и маркетинг)?
80. Кој и колку точно пари зеде од општинската каса? Ве молиме да доставите официјален список со точните хонорари исплатени за секој македонски и странски изведувач/група поединечно, како и за сите надворешни соработници и координатори на фестивалот?
81. Преку какви постапки беа избрани компаниите за логистика и техничка реализација на настаните во рамките на Бит Фест, кои се тие фирми и дали за некоја од нив беа потпишани дополнителни анекс-договори кои ја зголемиле првичната цена на чинење?
82. Со оглед на тоа што градоначалникот зборува за висок степен на транспарентност, дали Општината ќе објави детален финансиски извештај за „Бит Фест“ во кој точно ќе се види каде завршил секој денар на битолчани потрошен за оваа манифестација?
Однапред ви благодариме!