Повеќе од илјада слободни места остануваат на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола и по вториот уписен рок. УКЛО објави дополнителен конкурс за трет уписен рок, во кој се нудат вкупно 1.091 место за бруцоши. Пријавувањето ќе се реализира на 23 и 24 септември.
Според дополнителниот конкурс, 422 места се во државна квота, 376 се за редовни студенти со школарина, а 293 за вонредни студенти.
Најмногу слободни места има на факултетите кадешто и беа понудени најмногу места за бруцошите во оваа академска година: Техничкиот факултет во Битола – 234, потоа на Педагошкиот – 170 и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – 167.
На Техничкиот факултет, меѓу другото, остануваат 20 места за Машинство, 23 за Индустриско инженерство и менаџмент, 18 за Сообраќајно-транспортно инженерство, 26 за Графичко инженерство и дизајн, а 11 места има и на Мехатроника во државна квота.
На ФИКТ, пак, најголем број слободни места има на „Информатички науки и комуникациско инженерство“ – 100 вкупно, од кои 85 во државна квота.
Интересна е и состојбата на Педагошкиот факултет, каде остануваат 170 места, односно само осум во државна квота, но дури 92 со школарина и 70 за вонредни студенти.
На Универзитетот остануваат места и за идните медицински кадри. На Високата медицинска школа во Битола има 73 слободни места, од кои 27 за вонредни студенти. За медицински сестри и техничари остануваат 27 места, за медицинско-лабораториски аналитичари 17, а за радиолошки технолози 15.
Во третиот уписен рок има места и на Економскиот факултет во Прилеп – 96, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид – 124, како и на Факултетот за биотехнички науки во Битола – 58.

Дополнителниот конкурс, сепак, не ја дава конечната слика за интересот на кандидатите, бидејќи УКЛО наведува дека бројот на слободни места може дополнително да се зголеми за кандидатите кои не се запишале во вториот уписен рок.
Пријавувањето за третиот уписен рок е на 23 и 24 септември, прелиминарната ранг-листа треба да биде објавена на 25 септември, решенијата за прием на 29 септември, а запишувањето на примените кандидати е на 30 септември.
Со други зборови – за оние кои сè уште немаат избрано факултет, УКЛО и по два уписни рока сè уште има значителна понуда. Колкав ќе биде реалниот број на новозапишани студенти, ќе стане појасно по завршувањето на третиот уписен рок.
За УКЛО и оваа година е значајно што студентите, засега само на одделни факултети, со уписот влегуваат во заедничката програма на Алијансата КОЛОРС и ја добиваат можноста за добивање на диплома и од некој од 8те европски универзитети членки на оваа алијанса.











