Просторот зад познатата поранешна „ЈАТ“ во самиот центар на Битола повторно е раскршен и претворен во градежна зона. Деновиве таму интензивно се изведуваат градежни работи и ископување, што повторно го предизвика реагирањето на жителите.

На самиот терен е ископан долг ров кој минува непосредно покрај тротоарот, при што се поткопани и оштетени бетонските бехатон плочки. Градежните екипи со механизација работите ги обезбедуваат со сообраќајна сигнализација, заштитни табли и ленти за да се спречи несакано минување на пешаци и возила.
Овој простор зад „ЈАТ“ има долга историја на трансформација. Во август 2022 година, по реакции и протести на дел од станарите, Општина Битола отстрани повеќе десетици лимени гаражи за да го расчисти просторот и да го претвори во уреден паркинг за потребите на централното градско подрачје.

Откако просторот беше поплочен со бехатон плочки, служеше како паркинг на кој зонското паркирање не функционираше. Па реалните очекувања на граѓаните кои упатија реакција до ТЕРА се дека ќе се поставуваат рампи.
И повторно имаат предлог до општината, за влез во паркингот да не ги користат двата пасажи од страната на улицата Димитар Илиевски Муратот ( поранешна Борис Кидрич) туку од страната на улицата Рузвелтова, којашто во својот поголем дел е пешачка зона.











