ТЕРА

REKLAMA???

Пелистер станува училница во природа за ученици од земјава и странство

EКОЛОШКАТА ЕДУКАЦИЈА НА НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „ПЕЛИСТЕР“ ПРОДОЛЖУВА ДА ГИ ПОВРЗУВА НАЈМЛАДИТЕ СО ПРИРОДНОТО БОГАТСТВО И БИОДИВЕРЗИТЕТОТ НА БАБА ПЛАНИНА. ПОСЛЕДНИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОД УСТАНОВАТА НАЦИОНАЛЕН ПАРК ПЕЛИСТЕР СЕ ТОКМУ ЗА ЕДУКАТИВНИ СОДРЖИНИ НАМЕНЕТИ ЗА НАЈМЛАДИТЕ.

Инфоцентарот, едукативните патеки и содржините за рекреација се дел од програмите преку кои учениците учат за заштитата на животната средина преку непосредно искуство во природа.

Во последните активности, Пелистер го посетија ученици од скопското училиште „Access Language School“, кои се запознаа со флората и фауната, го посетија адреналинскиот парк и прошетаа по Историската патека.

Едукативна посета реализираа и учениците од битолското ООУ „Ѓорѓи Сугарев“, заедно со гости од Србија, Романија и Турција, во рамки на проектот „Еразмус плус“. Програмата опфати прошетка низ планината, кратка едукација и проекција на документарен филм за Пелистер во Инфоцентарот.

Овие активности се дел од пошироката програма за еколошко образование на националниот парк, која се спроведува во соработка со образовни институции од земјава и со меѓународни гости.

Во април годинава, во првите два дена од новата сезона на едукативни работилници биле опфатени повеќе од 120 ученици и деца од училишта и градинки од Битола и регионот, како и гости од Турција. Во мај, програмата продолжила со уште 135 ученици и вработени од образовни институции. Активностите вклучувале посети на Инфоцентарот, презентации, интерактивни вежби и прошетки по едукативните патеки.

Минатата година, преку едукативни активности биле опфатени и ученици од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“, кои учеле за животинскиот и растителниот свет, истражувале во природа и набљудувале инсекти со микроскоп. Во 2025 година, пак, Националниот парк објави дека еколошка едукација реализирал за 696 ученици од основните и средните училишта од Битола, Демир Хисар и Кавадарци.