Актерката и доајенка на Битолскиот народен театар, Соња Михајлова, е добитничка на највисокото општинско признание „4 Ноември“ за животно дело. Во својата 42-годишна кариера остварила околу 150 значајни театарски улоги, оставајќи силен белег во македонската драмска уметност и културниот живот на Битола.
Михајлова дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на Љубиша Ѓоргиевски, а од 1984 година е дел од ансамблот на Битолскиот народен театар. Нејзината актерска работа е препознаена со бројни награди, меѓу кои и признанието за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кое го доби во 2025 година. Покрај театарските улоги, публиката ја познава и по филмските и телевизиските остварувања, меѓу кои „Бушава азбука“, „До балчак“ и „Кајмак“. Меѓу нејзините понови проекти се авторската монодрама „Куфер.МК“ и улогата во новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“.
За едногодишни достигнувања, меѓу наградените е професорот д-р Горан Илиќ, редовен професор на Правниот факултет и проректор за наука на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Предлогот за негово наградување го поднел Ротари клубот „Битола“, истакнувајќи го неговиот придонес во науката, високото образование и меѓународната афирмација на градот.
Илиќ е главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Journal of Liberty and International Affairs“, кое, според образложението на предлогот, е единственото научно списание од Битола индексирано во престижната научна база „Scopus“. Во 2025 година списанието остварило CiteScore од 2,0. Неговата научна работа е насочена кон Европската Унија и меѓународните односи, а автор е на книгите „Европа на крстопат“, „ЕУтопија“ и „Меѓународните односи и ЕУ: Вредностите пред моќта“. Покрај универзитетската работа, Илиќ учествува во меѓународни проекти и е предавач и обучувач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Признание за достигнувања во здравството добива д-р Маргарита Камбовска, специјалист по педијатрија и субспецијалист по неонатологија. Предлогот за нејзино наградување го поднела болницата „Плодност“ посочувајќи ја нејзината долгогодишна, совесна и посветена работа во грижата за новороденчињата и децата.
Во образложението се истакнува нејзиниот професионален интегритет, заснован врз стручност, одговорност, човечност и континуирано медицинско усовршување. Нејзината работа се одликува со примена на современите медицински достигнувања, навремено донесување клинички одлуки и постојана грижа за безбедноста и здравјето на најмладите пациенти. Камбовска учествува и на стручни и научни собири, конгреси и едукативни активности, со што придонесува за унапредување на медицинската практика и споделување на новите знаења од областа на педијатријата и неонатологијата.
Меѓу добитниците на признанието за едногодишни достигнувања е и Кире Марков, кој оваа година одбележува 60 години занимавање со спортот. Него го предложила група граѓани, истакнувајќи ја неговата долгогодишна работа како аматерски учител по пливање и скијање, преку која знаење и искуство им пренесувал на генерации деца, млади и возрасни.
Марков со децении организирал и спроведувал обуки во две спортски дисциплини кои придонесуваат за физичкото здравје, развојот на спортскиот дух и создавањето здрави животни навики. Бројни негови ученици ги совладале основите на пливањето и скијањето благодарение на неговата поддршка и посветеност. Покрај обучувачката работа, учествувал на околу 30 маратони во земјата и во странство, а добитник е на повеќе награди и признанија.
Со овие признанија, Општина Битола им оддава почит на поединци кои со својата работа, знаење и посветеност придонесуваат во различни области од општествениот живот. Наградите традиционално се доделуваат по повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола.











