Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на возила надвор од градските средини е умерен. Според последните објавени информации на АМСМ, нема подолги задржувања на граничните премини од македонска страна, но на повеќе патни правци и натаму се применува времен режим на сообраќај поради градежни активности.
За возачите кои патуваат меѓу Битола и Прилеп, останува во сила пренасочувањето на сообраќајот по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани, поради изградбата на Коридорот 10Д. На патот Прилеп–Кавадарци, на делницата Беловодица–Тројаци, возилата се пропуштаат наизменично поради градежни работи.
На патниот правец Кичево–Охрид, од 28 октомври е воведен дополнителен времен режим на делницата Пресека–Песочан, до клучката Арбиново, поради санација на левиот коловоз. На останатите делници каде што се гради автопатот, сообраќајот се одвива со девијации.
Од АМСМ предупредуваат на можност од одрони, особено на патните правци Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево. Патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за возила со тежина до 3,5 тони.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците каде што се изведуваат градежни работи.












