ТЕРА

REKLAMA???

Битолчани вознемирени заради случувањата во Алта банка, стравуваат од ново “ТАТ

Од раните утрински часови граѓани чекаа пред филијалите на Алта банка во Битола. Некои со намера да си ја подигнат пензијата, други да подигнат дел од заштедите, трети да дознаат што ќе се случува со нивните плати. Затворените врати на банката дополнително ја зголемија нервозата кај клиентите, особено кај пензионерите. За многумина, месечните примања не се наменети само за домашните трошоци, туку и за издржување на деца и внуци кои студираат надвор од Битола.

Пред зградите и банкоматите на Алта банка имаше и граѓани кои во банката чуваат заштеди, а сега не знаат кога и под кои услови повторно ќе можат да располагаат со нив. Меѓу присутните имаше штедач кој тврди дека во банката има девет милиони денари и кој е загрижен за судбината на вложените средства.

Мислењата на битолчани се поделени. Дел од граѓаните веруваат дека привремената администрација на Народната банка на Република Македонија е механизам со кој ќе се заштитат депозитите и ќе се стабилизира работењето на банката. Други, пак, не веруваат во институциите и се потсеќаат на поранешните афери во земјава, кога уверувањата дека нема причина за загриженост не ги спречија загубите на штедачите.

Народната банка на Србија на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград, сопственик и на Алта банка во Битола, по утврдени сериозни проблеми во нејзината финансиска состојба. Народната банка на Република Македонија на 1 ноември воведе привремена администрација во Алта банка Битола и воведе ограничување од 10.000 денари неделно за подигање на готовина од банкоматите на банката. Мерката беше донесена со цел да се заштитат средствата и интересите на клиентите на банката откако за време на викендот граѓаните повлекоа околу два милиони евра.