ТЕРА

REKLAMA???

Битолчанка и Естонец преку лажна платформа олесниле стотици граѓани за огромни суми

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против 56-годишна битолчанка  и 38-годишен државјанин на Естонија. Тие се осомничени за кривично дело „измама“ од член 247 од Кривичниот законик, откако преку софистицирана мрежа успеале да наведат стотици македонски граѓани да инвестираат во лажна платформа, ветувајќи им брза заработка која никогаш не се реализирала.

До полицијата првично пристигнале пет пријави од измамени граѓани. Меѓутоа, финансиската истрага извадила на виделина далеку посериозна слика. Со анализа на домашната трансакциска сметка на првопријавената битолчанка, утврдено е дека жртви на оваа шема се стотици македонски државјани, од кои најголемиот дел се уште го немаат пријавено случајот. Операцијата се одвивала во периодот од декември 2025 до април 2026 година преку специјализиран канал на мобилна апликација со неколку стотици претплатници, каде се таргетирале потенцијалните жртви со ветувања за енормни добивки.

За да се стигне до идентитетот на сторителите, МВР спровело сложена, повеќемесечна истрага во која биле вклучени повеќе домашни и странски безбедносни институции. Во рамки на акцијата, извршен бил информативен разговор со 56-годишната битолчанка, при што биле конфискувани електронските уреди со кои ја вршела пишаната комуникација преку апликацијата. Дигиталната форензика успешно ги екстрахирала податоците кои сега служат како клучен доказ за кривичното дело.

Меѓународниот дел од истрагата вклучувал напредна стручна анализа на крипто-трансакциите. Преку глобалните безбедносни платформи, инспекторите успеале да ги обезбедат целосните податоци за сопственикот на крипто-паричникот кој припаѓал на 38-годишниот естонски државјанин. Таму каде завршувале украдените пари од македонските граѓани.

Секторот за компјутерски криминал предупредува дека овој тип на криминал бележи сериозен раст во земјава. Измамниците користат лажни профили на социјалните мрежи, агресивни телефонски повици и креираат копии на инвестициски платформи кои визуелно изгледаат целосно легитимно и професионално. Од полицијата апелираат до граѓаните да бидат максимално претпазливи и да не веруваат на понуди кои ветуваат високи и сигурни приноси со минимален ризик преку интернет.