ТЕРА

REKLAMA???

Молк во битолската СДСМ по “бомбата” на Филипче

По “бомбата” што лидерот на СДСМ, Венко Филипче, им ја фрли на сопартијците на затворениот состанок во Битола, во локалниот огранок на партијата завладеа целосен молк. Ниту еден од клучните локални функционери, вклучително и советниците, не се одважи да даде коментар за најавата за враќање на Васко Ковачевски или да појасни кои се „партиските милионери“ за кои зборуваше нивниот лидер.

Нашата редакција испрати прашања до три клучни нивоа на функционери во битолскиот огранок на партијата, до претседателот на Општинската организација, Зоран Стојчевски, до членот на Извршниот одбор на СДСМ од Битола, Драган Крајовски, како и до советници во Советот на Општина Битола. Сите одбија да одговорат и избраа да ги премолчат пред јавноста прашањата кои ја брануваат партиската база.

А, прашањата кои останаа без одговор од страна на Стојчевски, Крајовски и советниците, директно се однесуваат на реформскиот курс кој го најавува партискиот лидер. Каков е нивниот став за најавата на Филипче дека лично ќе го врати во земјава поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, за да одговара и да ги врати парите? Дали знаат на кои „партиски другари кои станаа милионери“ мислел претседателот на партијата? Дали најавата за враќање на Ковачевски е претходно договорена стратегија со локалниот огранок или пак соло-настап на лидерот?

Молкот на локалните социјалдемократи отвора сериозни сомнежи. Ако локалното раководство навистина се залага за декриминализација и самопрочистување, зошто бега од одговори за сопствените кадри? Очигледно е дека во Битола, каде што Ковачевски со години ја имаше главната партиска и менаџерска улога, темата за неговата одговорност предизвикува страв и непријатно тактизирање.

Од друга страна, самата изјава на Венко Филипче отвора низа логички и политички противречности. Најавата дека тој, како лидер на опозициска партија, „има начин“ да спроведе лице кое се наоѓа на меѓународна потерница, додека целиот безбедносен и правосуден апарат е во рацете на власта, звучи повеќе како популистички декор отколку како реално остварлив правен процес.

Но, се чини дека најголемиот хендикеп на оваа негова „храброст“ лежи во недореченоста. Ако Филипче навистина сакаше да демонстрира политичка моќ, интегритет и суштинско дистанцирање од евентуално криминално минато, зошто не ги кажа јавно имињата на тие „партиски другари кои станаа милионери“?

Фрлањето на вакви сериозни обвинувања во јавниот простор, без конкретна индивидуализација на вината, само остава простор за сомнеж дека станува збор за внатрепартиска уцена и политички театар за пред членството, наместо за вистинска борба за правда. Пораката е јасна. СДСМ Битола молчи затоа што нема одговори, а Филипче зборува половично затоа што, очигледно, целосната вистина би ја отворила Пандорината кутија во сопствените редови.