ТЕРА

REKLAMA???

Нова „Зимска приказна“ по стар рецепт

Општина Битола ја отвори сезоната за овогодишната манифестација „Зимска приказна“, објавувајќи го Огласот бр. 01/2026 за издавање на вкупно 15 типизирани куќарки за периодот од 21 декември 2026 до 7 јануари 2027 година. Додека локалната власт забрзано се подготвува за празничната еуфорија, во јавноста и понатаму висат старите, неодговорени прашања за тоа колку точно пари на граѓаните се слеваат во оваа манифестација и каде завршуваат тие.

Според објавениот повик, лицето избрано да ја води општината до 2029 година планира да инкасира во буџетот најмалку 349.000 денари, односно околу 5.600 евра. Кај Офицерскиот дом се издаваат 13 куќарки, од кои 9 по 6 квадратни метри и 4 од по 4 квадратни метри. Куќарките се наменети за продажба на храна и пијалаци, а почетната цена изнесува 25.000 денари по куќарка. На плоштадот Гоце Делчев се издаваат 2 куќарки од по 4 квадратни метри за пакувани производи и сувенири, со почетна цена од 12.000 денари. Во овие суми или во сумата што ќе се постигне после наддавањето, општината им ги покрива на закупците трошоците за комунална такса, одржување на хигиена, па дури и приклучокот и потрошената електрична енергија, до 3 KW/h. Во време кога токму високите сметки за струја беа главен изговор за псоледниот ребаланс на општинскиот буџет, локалната власт великодушно се одлучи да ја вклучува струјата во пакет-аранжманот за комерцијалните штандови.

Иако на хартија постапката изгледа прилично регулирана, начинот на кој ќе се бираат закупците отвора простор за сомнеж. Јавното наддавање, закажано за 2 декември, нема да се одвива електронски, туку во затворена просторија во општинската зграда, со писмени понуди во три круга. Дополнително, на учесниците строго ќе им биде забрането внесување мобилни телефони, паметни часовници и какви било електронски уреди. И покрај тоа, наместо транспарентен дигитален систем каде секој чекор е видлив во реално време, сè се сведува на затворени врати и писмени ливчиња.

Ваквиот начин на наддавање со физичко присуство во општинската зграда, наместо преку транспарентна електронска аукција, веќе еднаш ја брануваше битолската јавност, во април годинава, при издавањето на локации за тезги и трицикли на Градското шеталиште. Тогаш, почетните цени од скромни 4.000 и 5.000 денари вртоглаво експлодираа и достигнаа над 200.000, па сè до астрономски 300.000 денари за само два квадратни метри простор. Овој преседан отвори сериозни сомнежи во градот за пазарната логика на ваквите постапки и за тоа дали просторот го заземаат моќни локални играчи за да ја елиминираат конкуренцијата. Сега, општината повторно бега од дигиталните системи и ја задржува распределбата на јавниот простор внатре во општинските простории.

Инаку, денешниот оглас е само површинскиот, комерцијален дел од приказната. Вистинскиот проблем на кој опозицијата и јавноста со години укажуваат останува недопрен. Колку вкупно чини Зимската приказна и кој ги зема парите за програмата, озвучувањето, осветлувањето и хонорарите? Во услови кога културните манифестации во Битола редовно се оценуваат како „сива зона“ без јасни критериуми и целосна отчетност, општината очигледно смета дека сјајот на новогодишните светилки е доволен за да ги покрие сите финансиски дилеми.