ТЕРА

REKLAMA???

СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА

Сообраќајот на државните патишта утринава се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла, од 50 до 60 метри, има на патниот правец село Лисец–Попова Шапка. Интензитетот на сообраќајот надвор од населените места е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Нова измена на режимот на сообраќај од денеска има на експресниот пат Штип–Радовиш, во близина на клучката Бучим. Поставени се семафори, а сообраќајот ќе се одвива наизменично, со пропуштање на возилата во двата правци.

За возачите од Пелагонија, и понатаму е актуелно пренасочувањето на сообраќајот на патниот правец Прилеп–Битола, поради изградбата на Коридорот 10Д. Возилата се движат по регионалниот пат, од клучката Лагово до Тополчани. Целосно затворена останува и делницата Мало Коњари–Кривогаштани на патот Прилеп–Крушево–Сладуево, каде што сообраќајот се одвива по алтернативна делница.

На регионалниот пат Калишта–Радожда, кај месноста Елен Камен, сообраќајот се одвива наизменично по една сообраќајна лента. Изменет режим е во сила и на автопатот Кичево–Охрид, на делницата Пресека–Песочан до клучката Арбиново, поради санација на левиот коловоз. Градежни работи се изведуваат и на патот Гостивар–Кичево, кај мостот на реката Тајмишка, како и на регионалниот пат Струга–Дебар, кај браната Глобочица.

На автопатот Гевгелија–граничен премин Богородица сообраќајот е пренасочен на спротивната коловозна лента и се одвива во двата правци. Времен режим има и на граничниот премин Делчево поради реконструкција, но преминот функционира непрекинато. Изменет режим е во сила и при санацијата на мостот на реката Брегалница во Штип, како и на регионалниот пат Косоврасти–Мелнички Мост, каде што се санира свлечиште.

АМСМ предупредува на можност од одрони на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, особено на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево. Се препорачува приспособена брзина, почитување на поставената сигнализација и зголемено внимание при возењето.

Патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица останува затворен за сообраќај за сите видови возила поради сезонскиот режим. Во сила е и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март 2027 година.