Преносот на пари од една на друга банкарска сметка во Македонија се очекува да стане значително побрз од јануари 2027 година, кога треба да започне примената на системот за инстант плаќања. Тоа ќе им овозможи на граѓаните и компаниите да вршат домашни трансакции во кое било време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, вклучително и за време на викенди и државни празници.
Станува збор за регионалната платежна платформа TIPS Clone, развиена според моделот на европскиот систем TIPS (TARGET Instant Payment Settlement), која треба да донесе нов начин на функционирање на домашниот платен промет. Нејзиното воспоставување беше официјално одбележано во Банката на Италија во Рим, на настан на кој учествуваа гувернерите на централните банки од пет земји од Западен Балкан.
Иако регионалната инфраструктура веќе е воспоставена, за практичната примена во земјава потребно е и поврзување на комерцијалните банки со системот. Според најавената динамика, овој процес треба да овозможи услугата да им стане достапна на граѓаните и компаниите од јануари 2027 година.
Практично, новиот начин на плаќање треба да го надмине досегашното ограничување на банкарските трансфери поврзано со работното време на банките. Наместо да чекаат првиот следен работен ден, корисниците ќе можат да префрлаат средства и во недела навечер, за време на празници или по завршувањето на работното време на банките. Трансакциите ќе се обработуваат инстантно, односно средствата треба да пристигнуваат на сметката на примателот за неколку секунди.
Гувернерот Славески го оцени приклучувањето кон регионалната платформа како значаен чекор во усогласувањето на домашниот финансиски систем со европските стандарди. Тој ја поврза иницијативата со Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, кои предвидуваат поголема економска поврзаност и модернизација на финансиските услуги во регионот.
Паралелно со ова, придобивки веќе се забележуваат и од приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА. Според податоците што ги изнесе Славески, надоместоците за прекуграничните плаќања во евра се намалени шестпати за граѓаните и деветпати за компаниите. Проценетата заштеда за домашната економија во првата година од оперативното учество во СЕПА надминува пет милиони евра.
Од Народната банка најавуваат дека новата платежна инфраструктура ќе претставува основа и за развој на дополнителни дигитални финансиски услуги. Меѓу приоритетите е олеснувањето на инстант плаќањата кај трговците и малите бизниси, со што би се поттикнала поголема употреба на современи начини на наплата.Очекувањата се новите можности да придонесат за забрзување на дигитализацијата и во приватниот и во јавниот сектор, како и за поефикасен платен промет. Со предвиденото започнување на примената во јануари 2027 година, Македонија треба да направи уште еден чекор кон современ банкарски систем во кој домашните трансфери на пари нема да зависат од денот во неделата или од работното време на финансиските институции.











