ТЕРА

REKLAMA???

Фотографија од супермесечината над Битола објавена во „Гардијан“

Фотографија на супермесечината над Битола, со која Месечината се издигнува над црквата „Св. Недела“, беше објавена во фотогалеријата на еден од најпознатите британски весници, „Гардијан“.

Фотографијата е дело на македонскиот фоторепортер Ѓорѓи Личовски, кој фотографијата ја направил за Европската новинска агенција (EPA). На неа е овековечен моментот кога полната Месечина се појавува зад крстот на црквата „Св. Недела“, создавајќи впечатлива композиција над градот.

Фотографијата е дел од галеријата насловена „The beaver supermoon glows across the globe – in pictures“, објавена на 25 ноември, која ги собира највпечатливите кадри од небесниот феномен забележани на 24 ноември ширум светот. Меѓу останатите градови чии глетки се застапени во галеријата се Њујорк, Рим, Атина, Франкфурт, Лондон и Салцбург. Фотографијата од Битола е една од вкупно 17-те избрани за објавување.

Станува збор за таканаречената Бивер супермесечина (Beaver Supermoon), која беше најголемата супермесечина во 2026 година. Овој астрономски феномен се појавува кога полната Месечина се наоѓа во близина на перигејот – точката од нејзината орбита во која е најблиску до Земјата. Поради тоа, таа може да изгледа поголема и посветла отколку вообичаено.

Ѓорѓи Личовски важи за еден од најискусните македонски фоторепортери. Неговата професионална кариера започнува во 1991 година, кога станува фотограф на Европската прес-агенција (EPA). Во текот на годините работел и за медиумите „Нова Македонија“, „Вест“ и „Сакам да кажам“, а преку својот објектив бележи значајни политички настани, општествени случувања, секојдневни моменти и природни феномени.

Неговата работа е препознаена и наградувана и на меѓународно ниво. Во 2025 година ја освои наградата „Никола Младенов“ за најдобра репортерска фотографија за снимката „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“. Меѓу неговите признанија се и бронзен медал на германската Академија Лид и златен медал на кинескиот фотографски натпревар CHIPP.