Општина Битола ќе потроши најмалку 6.000.000 денари, или речиси 100 илјади евра од буџетот за туризам за новогодишната манифестација „Зимска приказна 2027“. Ова го потврдија од локалната самоуправа во одговорот на нашите новинарски прашања, откако во распишаниот јавен повик не беше наведен буџетот за прославата. Од Општината се правдаат дека буџетот не го навеле во повикот бидејќи очекуваат поддршка и од јавните претпријатија, од бизнис-секторот, но и апликации без финансиски побарувања, па крајната сметка ќе ја објавеле дури откако ќе заврши повикот и ќе се направи програмата.
Од Општината потврдија дека парите што ќе се трошат за новогодишната прослава се од Програмата за равој на туризмот, ставка која по двата ребаланси годинава тежи 9,5 милиони денари. Имено, од првично предвидените 8 милиони денари, со првиот ребаланс ставката скокна на 10,5 милиони, за по вториот ребаланс во октомври да застане на 9,5 милиони денари, што, сепак, е за 1,5 милион денари повеќе од почетокот на годината.
Уште поспорно е признанието дека во јавниот повик не постои никаков финансиски максимум за тоа колку пари може да добие еден изведувач, туку тоа е оставена на проценка на лицата кои ќе ги оценуваат пристигнатите апликации. „Во јавниот повик нема дефиниран максимален износ по апликант, а одобрениот износ ќе биде утврден од страна на Комисијата за избор и евалуација“, одговараат од Општината.
На нашето прашање колкав дел од овие 6 милиони денари се резервирани за ангажирање изведувачи надвор од јавниот повик, од локалната самоуправа избегнаа директен одговор, велејќи само дека „во овој момент немаат склучени договори надвор од повикот“, со што практично си ја оставаат отворена вратата за договори во четири очи по завршувањето на постапката.
Општина Битола остана затворена и за прашањето колку точно народни пари потрошила за минатогодишната „Зимска приказна“, вклучувајќи ги и исплатите преку Културно-информативниот центар. Наместо конкретна бројка, од Општината нè упатија да бараме во сметководствената документација и завршните сметки на институциите.
Сега, кога е јасно дека во игра се најмалку 6 милиони денари народни пари за неколку дена новогодишна програма, уште поважно станува прашањето кој седи во комисијата формирана од лицето избрано да ја води општината до 2029 година и без јасни критериуми ќе ги дели овие пари?











