Битолчани и сите случајни минувачи на Широк Сокак денеска го пиеја своето кафе во кафулиња на чии излози и витрини стори транспарентот „протест“.
Угостителите од градот реагираат на последните одлуки на Советот на Општина Битола со кои им се забранува заградување на делот пред објектот, што вообичаено го користат пушачите. Велат дека веќе два месеци на постудено време работат со загуба. Заради полупразните кафулиња и околните бизниси имаат намален број потенцијални купувачи и намален промет.
Заградувањето на угостителските објекти во зимскиот период има подолга хронологија и спор. Правилникот за користење на одредена квадратура од фасадата на кафулињата и рестораните кон улицата првпат бил донесен во 2013 година. Низ годините изгледот и обемот зафатеност од улиците, особено од пешачките зони стана предмет на реакција од граѓаните кои инсистираа дека неможат непречено да се движат. Ова особено беше значајно за Широк Сокак – од потегот кај Солунска до плоштадот Магнолија односно Саатот што општината го прогласи за екстра зона. Оваа зона е и со највисока тарифа за надоместок за користење на јавна површина.Според ценовникот од 2013 година – 100 денари за квадратен метар/месечно. Не успеавме да пронајдеме јавно достапен ценовник по кој сега угостителите плаќаат за користење на јавната површина, улицата од чијашто површина угостителите користат за своите маси и столчиња. Но, по реакцијата на јавноста и особено стручната јавност, архитектите кои поставеноста на кафулињата на улица ја именува како „узурпирање на јавен простор“, Општината направи нова Програма, а градоначалникот на седница изјави дека „нема да има оградување како што тоа беше досега во зимскиот период“.

Програмата за поставување урбана опрема се најде повторно пред советниците, на комисија, по барање на комуналните инспектори кои на терен имале проблеми во однос на правното толкување на впишаните правила.
Токму новото правило со кое не е дозволено заградување е основата на протестот на угостителите кој започна денеска. Нивните „тераси“ сега не го блокираат јавниот простор, но, со намалувањето на температурите, се помал е бројот гости кои седнуваат .
Неофицијално дознаваме дека угостителите кои стојат зад протестот денеска упатиле и писма до Советот на општина Битола и Градоначалникот на Битола во кои го изразиле своето незадоволство и ги информирале за загубите што ги имаат. На потег сега е општината.












