Почетокот на 2025 година донесе нов импулс за НУ Универзитетска библиотека
„Св. Климент Охридски“ – Битола. Со новото раководство дојде и јасна амбиција за модернизација, дигитализација и позиционирање на институцијата како современ културно-образовен центар. Во јавноста, библиотеката навистина делува поактивно.
Но, под површината, сликата е посложена.
Во изминатиот период, институцијата бележи зголемен број на настани, поинтензивна медиумска комуникација, поголема јавна присутност. Ова е јасен сигнал дека библиотеката се обидува да излезе од пасивниот модел на функционирање.
Но, дали видливата активност значи вистинска трансформација?
И покрај динамиката, тешко е да се препознае јасна стратегиска насока. Нема видливи системски проекти, нема јасни индикатори за дигитален напредок, нема препознатлив развоен чекор. Реновирање на покривот и набавка на различна опрема, се врвот на инвестициите во библиотеката.
Она што дополнително ја комплицира сликата е необичниот профил на трошоци. Така, последните договори за набавка на книги за обновување на книжниот фонд во библиотеката се со датуми од 2024 година. Од тогаш до денес, библиотеката практично нема централизирана јавна набавка за книги, туку користи модел на мали, раздробени набавки. Тоа овозможува флексибилност, но истовремено ја елиминира транспарентноста. Книгите не се купуваат преку системот за јавни набавки, туку на парче.
Според анализата, значителен дел од средствата завршуваат кај ресторани и угостителски објекти, продавници за храна и пијалаци, локални маркети, па дури и субјекти како погребално претпријатие. Се пазари во Веро, кај Пехето, се плаќа во Премиер, во Корзо, во Корнер, во леблебиџилница, па плаќа дури и кај Пурино. Овие трошоци делумно може да се поврзат со организирање на настани и протоколарни активности. Но, нивниот обем и повторливост отвораат пошироко прашање дали оперативните активности го засенуваат суштинскиот развој на институцијата?
Дополнително, се забележува повторување на истите добавувачи, повеќекратни исплати во краток временски период, раздробени трансакции со слични износи, а во базата има и редовни исплати со точни износи помеѓу 3.000 и 15.000 денари за кои не е наведен примачот.
Клучните прашања остануваат отворени, односно дали библиотеката нуди нови услуги, дали има напредок во дигитализацијата, дали се зголемува академската улога? Структурата на трошење и отсуството на јасни развојни резултати покажуваат дека трансформацијата сè уште не се случува.












