ТЕРА

REKLAMA???

Битола без луѓе, Пелагонија без стока

Битола ја напуштаат луѓето, а Пелагонија ја напушта стоката. Битолскиот регион, кој отсекогаш бил срцето на македонското сточарство, регион со најмногу млеко, најмногу фарми, најмногу семејства што живеат од оваа дејност, денес се враќа во своите најлоши денови од независноста на државата. Поддршката од министерството доцни или ја нема, а не помагаат ниту големите откупни центри.
Според податоците на Државниот завод за статистика, сточниот фонд е намален за 20–30%, се затвораат фарми, младите се откажуваат од сточарството.

Пелагониските производители се жалат дека производната цена изнесува помеѓу 30 и 35 денари, а откупната помеѓу 27 и 30 денари. Секој литар млеко носи загуба. „Колку повеќе произведуваме – толку повеќе губиме“, е реченица што најчесто се слуша помеѓу млекопроизводителите во Пелагонија.

Во исто време, трошоците експлодираат. Сточната храна е поскапена за 50%, повисоки цени имаат и струјата и горивото, а трендот го следат и цените на ветеринарните услуги. Најавите за намалување на откупната цена на млекото од страна на млекарниците, се капак на маките на сточарите. Во Битолскиот регион, Битолска млекара е еден од најголемите откупувачи на сурово млеко, има доминантно влијание врз пазарот во Пелагонија и голем дел од сточарите зависат од неа како откупувач. Секоја промена на откупната цена во регионот практично не може да се случи без да биде поврзана со политиката на најголемите млекарници — пред сè Битолска млекара. Затоа, повеќе од потребно е и откупувачите да преземат одговорност за состојбите во млечната индустрија. Ако државата не помага доволно, тоа не е изговор и млекарниците да притискаат. Напротив, Битолска млекара како најголем откупувач има обврска да покаже одговорност и да ја задржи, ако не и да ја зголеми цената на млекото.

Но, цената на млекото не е само пазарна одлука. Таа е резултат и на политики.
Кога системот не функционира, товарот паѓа и на сточарите и на откупувачите. Целиот систем – од субвенции до откуп – го поставува државата. А, токму тој систем беше дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ пред парламентарните избори 2024 година. Се ветуваа повисоки и стабилни субвенции, сигурен откуп на млеко, намалени трошоци за производство, зголемено домашно производство, „горди и задоволни земјоделци“. Скоро две години подоцна, реалноста е спротивна. Нема нов модел на субвенции, нема стабилна откупна цена, нема мерки што ги намалуваат трошоците, нема раст на производството. Останаа истите проблеми како и пред избори, но и нови предизвици во кои сточарите се оставени сами на себе.
Клучниот регион за домашното производство на млеко е на колена. Дојде време кога повеќе се исплаќа да се затвори фарма, отколку да се произведува млеко. Кога сточарите работат со загуба, тоа не е само нивен проблем, туку проблем на државата, на сите нас.