Граѓаните оваа година ќе се соочат со повисоки цени на зеленчукот и овошјето во пресрет на Велигден. Растот на цените веќе е започнат. На пазарите насекаде нови цени, зголемени каде помалку каде повеќе.
Како и да е, доматите веќе се продаваат по 200 денари за килограм. Влошка јајца по 320 до 350 денари.
Ако порано се купуваа три килограми портокало за 100 денари денес цената останува иста, но количината е двојно намалена. За таа цена ќе добиете колограм и половина.

Сигналите од пазарот веќе укажуваат на поскапа празнична кошница, особено кај раноградинарските производи и дел од увозното овошје. Причините за ова се повеќеслојни – од растот на цените на горивата и ѓубривата, до глобалните случувања кои директно влијаат врз производството.
Земјоделците предупредуваат дека најголем дел од репроматеријалите – како ѓубрива и гориво – се увезуваат од региони погодени од кризи, што значи дека секое поскапување директно се пренесува врз крајната цена на производите.
Во пракса, граѓаните тоа веќе го чувствуваат на пазарите. Единствено што се прашуваат дали растот на цените во целост се должи на зголемувањето на производните трошоци или пак се поскапува пред Велигден во очекување на поголема предпразнична побарувачка.
















