Денес машина го меси, пекачот го пече. Но мирисот на свежо испечен леб се ширел низ Пелагонија пред 8.000 години, што посочува дека и рецептот и подготовката на лебот ги влече своите корени од почетокот на шестиот милениум пред нашата ера или 60 век пред нашата ера. Доказ за тоа се двете големи земјени печки што археолозите од Центарот за истражување на предисторијата ги пронајдоа во археолошкиот локалитет Велушка тумба. Правењето леб пред 8000 години не била едноставна домашна работа туку внимателно организиран процес околу кој се одвивал животот во едно семејство од неолитот.


Процесот започнувал со мелење на житото во глинените сандаци, при што зрната се претворале во брашно. Потоа во посебни садови брашното се месело со вода и, тестото се месело. Се обликувало па се ставало во сосема различен сад за да се пече во големите глинени печки.
Продолжувајќи ги истражувањата на битолчанката археологот Драгица Симоска направени кон крајот на 60те и почетокот на 70те години од претходниот век, групата археолози предводени од арх. Гоце Наумов ги открија двете монументални неолитски печки покрај кои биле поставени специјално изработени глинени сандаци за мелење на житото и месење на тестото. Тоа покажува дека сите фази, од обработката на житото, до печениот леб се одвивале во ист простор, што, налик на денешните кујни во домовите, претставувал центар на животот на неолитското семејство.


Археологот Наумов во своите истражувања вели дека куќите на неолитот биле внимателно организирани околу просторот за подготовка на храната, додека печките претставувале едни од најважните елементи во домот. Оттука, тие биле и централно поставени. Археоботаничките, геоархеолошките и радиокарбонски анализи овозможуваат реконструкција на животот на нашите древни, првите земјоделски семејства и заедници во Пелагонија.

Последните откритија се уште еден доказ за постоењето на т.н велушко-породинска културна група. Луѓето од тоа време живееле во„ четириаголни куќи изградени од дрво и кал, со сламени покриви, на две води. Карактеристична е луксузната црвена ќерамика… со бели насликани орнаменти…“ -вели Симоска во својата публикација при откривањето на тумбата.
Засега се смета дека ова се најголеми печки во Европа, откритија кои ќе помогнат прецизно да се реконструира живот, исхраната, па и традициите на првите земјоделци во Пелагонија кои живееле пред 8.000 години.
Насловна фотографија: реконструкција од населбата Еренштајн, Германија, заштитена од УНЕСКО
Фотографии : сопственост на Центар за истражувања на предисторијата












