Денеска ниту еден воз од Скопје не пристигна во Битола, поради технички проблем и тековни работи на железничката инфраструктура. Според информациите кои ги добивме од директорот на патнички сообраќај М-р Горанчо Јовановски од министерество за транспорт и врски прекинот на железничкиот сообраќај бил предизвикан од техничка неисправност на возна гарнитура, по што било одлучено сообраќајот привремено да се запре од безбедносни причини. За да може да се гарантира безбедноста на патниците, решението било да се изврши дополнителна техничка проверка на сите комопзиции. Поради тоа, најпрвин не сообраќал вечерниот воз кој вчeравечер од Скопје требаше да тргне кон Битола во 20.05 часот, ниту пак денеска возовите кои од Sкопје поагѓаат во 7.05 и 14.30 часот.

Прекинот е во директна релација со реконструкцијата на железничката пруга на делницата од Скопје до Зелениково. Поради градежните работи, одредени возови се скратени и сообраќаат само до Велес. Така, возот кој редовно поаѓа во 12:17 часот привремено сообраќа само до оваа станица, бидејќи работите на пругата траат до 16 часот.
Директорот Јовановски вели, ваквите прекини се неопходни затоа што реконструкцијата е неопходна.
Состојбата на дел од железничката инфраструктура во државата и на правецот Скопје-Битола е стара и без интервенции би можело да дојде до поголеми проблеми. Поради тоа, работите се изведуваат со повремени прекини на сообраќајот во текот на денот, кои траат и до осум часа.

Дополнително, по велигденските празници се очекува да се спроведе анкета меѓу граѓаните и локалните власти во Битола и Прилеп за евентуално воведување локална железничка линија на релацијата Прилеп–Битола. Иницијативата се разгледува во контекст на изградбата на експресниот пат меѓу двата града и потребата од подобра локална поврзаност. Доколку интересот биде доволен, можно е во иднина да се воведат неколку дополнителни локални возови на оваа релација.
Нормализацијата на железничкиот сообраќај, со трите линии на релација Скопје-Битола ќе продолжи вечерва, со возот кој поаѓа во 20.05 часот.













