ТЕРА

REKLAMA???

Пелистер помеѓу гордоста и интересот- Кој ја плаќа цената на ракометната приказна?!

Во град каде што ракометот не е само спорт, туку гордост и идентитет, се создаде проект што требаше да ја врати Битола во македонскиот врв и на европската мапа. Со силен приватен партнер, со поддршка од општината и со големи амбиции, и од Пелистер бидна Еурофарм Пелистер и беше претставен како модерна приказна за успех. За таа цел, „курбан“ отиде и името на клубот, чекор што сеуште предизвикува силни емоции помеѓу најверните навивачи.

После шест години од „ракометната платформа“ се поставува прашањето дали моделот сеуште е функционален или треба да се менува, особено откако беше најавено дека во клубот ќе влезат и други стопански субјекти на кои „Пелистер“ им е при срце. Темелот беше поставен во 2019 година. Се формираа два тима: Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2. Првиот со цел да освојува титули, вториот за развој на македонски таленти. Заедничко за двата клуба се парите од општината. Планот беше јасен , вкупен буџет од најмалку 1 милион евра годишно.  Од тие пари, 75% требаше да доаѓаат од Еурофарм, а 25% од општината, односно од граѓаните.

Дополнително, општината ги „почасти“ „фармацевтите“ со бесплатно користење на спортската сала за тренинзи и натпревари, а ги ослободи и од плаќање режии, што секако е дополнителна, скриена субвенција. Анализата на финансиските перформанси на клубот не изгледа розово. Според Министерството за финансии, од 2020 до денес, Општина Битола има исплатено на Еурофарм Пелистер над 110 милиони денари, а на Еурофамр Пелистер 2 скоро 11 милиони денари.

Односно, околу 2 милиони евра од парите на биточани, завршиле во џебот на овие два клуба. Во исто време, загрижувачки е што двата клуба имаат многу мала добивка, имаат проблеми со ликвидноста и зависат од дополнителни пари. Дали тука се крие причината за отворање на вратата за влез на нови спонзори во клубот, засега не се зборува. Кои фирми се заинтересирани и со кои мотиви, може само да се претпостави од лицата кои последниов период се присутни во „ложата“ на спортската сала Боро Чурлевски.

Од спортски аспект, се чини дека Еурофарм Пелистер ги исполни очекувањата на навивачите. Титули има. Атмосфера има. Публика има. Европа не е јака страна, но, доволно е што Битола е еден од градовите каде се игра и гледа најдобриот ракомет во светот. Вториот потфрли во проекциите да биде база за млади ракометари, се почесто се слушаат странски презимиња, што го прави клубот скапа играчка во рацете на акционерите . Покрај за финансиските и спортските резултати, вреди да се спомене и прашањето за реалниот ефект што го носат вложените пари на битолчани во двата ракометни клуба. Иако проектот носи емоција, полни трибини и чувство на гордост кај граѓаните, економскиот ефект останува ограничен. Нема значаен спортски туризам. Нема долгорочен развој на локалната економија. Нема јасен поврат од вложените милиони. Граѓаните добиваат емоција и забава, но, не и јасен економски бенефит што би ја оправдал инвестицијата.

Кога ќе се тргне цртата, преиспитувањето на „ракометната платформа“ изгледа како операција која веќе е во тек, а за која јавноста допрва ќе дознае. Последниот договор не е јавно достапен за да даде одговор дали Еурофарм и Општина Битола нешто промениле во постулатите? Дали во клубот ќе се вклучат нови спонзори? Дали тоа ќе значи нова промена на името на клубот, на пример Еурофарм Пелистер Пелагонија?

Дали ќе се врати името Пелистер или Еурофарм ќе стои зад него, како што е практика секаде во светот во однос на спонзорите, а и согласно вложените народни пари со кои учествува општината во вкупниот буџет на клубот?

Тоа се одлуки што што не смеат да се носат зад затворени врати. Битола отсекогаш знаела што значи Пелистер. Дали Еурофарм и општината знаат што значи одговорност кон Битола?