ТЕРА

REKLAMA???

Волонтерка на државна славина?!

Истражувањето за сомнителната јавна набавка за изработка на Стратегија за развој на женското претприемништво во Битола, добива ново продолжение. Откако јавноста ги дозна деталите за огласот и улогата на страните вклучени во “приказната”, на виделина донесуваме нови податоци кои може дополнително да ја “замрсат” оваа сага. Податоците од „Отворени финансии“ и од базата „CompanyWall“ откриваат дека здружението на претседателката на Советот за женско претприемништво, Моника Марковска, со години добива буџетски пари.

Финансиските картички од државната платформа „Отворени финансии“ и деловните извештаи од базата „CompanyWall“ откриваат дека здружението на претседателката на Советот за женско претприемништво во Битола, Моника Марковска, со години е на отворена буџетска славина. Документите покажуваат дека здружението ВР ЛАБ Битола не само што се обидело да го земе локалниот тендер за женски бизниси од 336.000 денари, туку редовно влечело многу поголеми суми од различни државни и локални институции.

Од една страна, самата Општина Битола како локална самоуправа во неколку наврати директно префрлила вкупно 355.000 денари на сметката на здружението на претседателката на советодавното тело. Тука се евидентирани пет посебни исплати во изминатите две години, меѓу кои и сумата од 140.000 денари на крајот на јуни годинава, како и сумата од 50.000 денари за изучување занаети со виртуелна реалност.

Од друга страна, здружението ВР ЛАБ Битола развило сериозен бизнис со проекти и на централно ниво во Скопје. На сметка на здружението легнале дури 1.150.000 денари од Министерството за односи меѓу заедниците, Министерството за животна средина…

Деловниот извештај на платформата „CompanyWall“открива дека во 2023 година здружението инкасирало вкупни приходи од 642.000 денари, во 2024 година сумата изнесува 305.000 денари, додека во 2025 година приходите скокнале на сериозни 846.000 денари. Простата математика покажува дека буџетските пари од Општината и министерствата се најверојатно главниот мотор кој го полни ова здружение. За заплетот да биде поголем, во официјалниот извештај стои дека организацијата има нула вработени и нема никаков трошок за плати.

Додека од една страна Марковска во јавноста се претставува како волонтер кој бесплатно работи за локалните претприемачки, бројките покажуваат дека нејзината организација е класичен бизнис модел кој досега инкасирал над 1,7 милиони денари народни пари од државната каса.

После обидот со своето приватно здружение да конкурира на тендерот за изработка на стратегија која треба да ја имплементира и Советот што таа го раководи, па сè до исплатите од општината и министерствата, се отвора главното, етичко прашање. Дали Моника Марковска размислува да понесе морална одговорност и да си поднесе оставка од функцијата претседател на Советот за женско претприемништво во Битола?

Во секое функционално општество каде што се почитуваат правилата, по ваков скандал оставката е првиот и единствен логичен чекор. Се чини невозможно во исто време да раководите со општинско тело кое треба независно да ги штити интересите на претприемачките, а во исто време вашето приватно здружение редовно да добива пари од општината и од државните министерства за слични проекти. Ќе поверуваат ли битолчани во уште една приказна за волонтерство платено со народни пари?