Земјоделците и сточарите од пелагонискиот регион денеска повторно излегоа на масовен протест, изразувајќи го својот револт против, како што велат, катастрофалната состојба во аграрот. Во организација на здруженијата „Пелагониско поле“ и „Фармери југозапад“, со земјоделска механизација беше блокиран регионалниот патен правец Битола-Прилеп, на клучната точка кај селото Тополчани.
Револтот кај пелагониските производители тлее веќе подолго време, а денешната блокада е директен одговор на неколку акутни проблеми кои го доведоа овој сектор пред целосен колапс.
Крајно критична е велат состојбата кај сточарите. Тие алармираат за неисплатени обврски од државата. Според нивните изјави, заостанатите субвенции и премии за предаденото млеко доцнат со месеци, а во одредени случаи се должат исплати уште од јули минатата година.

Дополнителен удар за буџетот им е драстичниот пад на откупната цена на млекото. Изминатава година цената по литар е намалена за речиси 30%. Оод некогашните 33 денари, млекопроизводителите сега се принудени да го предаваат своето производство за скромни 23 денари по литар, сума која не ги покрива ниту основните трошоци за храна за добитокот.
Денешниот протест е продолжение на бранот незадоволство во Пелагонија. И градинарите биле воведени во слична позициј. Пред само две недели, на средината на септември, силен револт изразија и градинарите од овој регион. Тие реагираа на закочениот откуп и екстремно ниските цени на пиперката ајварка, со што се докажува дека кризата подеднакво ги погодува сите гранки во земјоделството.
Со денешниот протест земјоделците и сточарите порачаа дека нема да отстапат од своите барања, упатувајќи итен апел за средба со надлежните институции. Доколку брзо не се изнајде заедничко решение за достоинствено вреднување на нивниот труд, најавуваат радикализација на протестите низ целата држава.












