Тешка ноќ и битка со пожарите во Прилепско.Интензивна борба со огнената стихија се одвиваше изминатава ноќ во Пелагонискиот Регион. Теренските екипи на Територијалната противпожарна единица од Прилеп цела ноќ интервенираа на критичните точки околу селото Крушевица. Благодарение на акцијата на Територијалната противпожарна единица од Прилеп, спречена е поголема штета во селото Крушевица, каде пламенот зафати нискостеблеста деградирана шума и сува трева и застрашувачки се приближи до првите куќи.
И покрај тоа што ширењето на огнот е спречено дежурните екипи остануваат на терен поради опасност од повторно разгорување под влијание на ветерот.
По тешката ноќ битката со огнената стихија продолжи и денес. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека селото Чаниште е безбедно и во моментов нема опасност пожарот да го загрози населеното место. Огнената линија во текот на денот се придвижи во правец кон Мариово, но екипите се на терен и работат на скротување на огнот.
Надлежните институции апелираат за зголемена внимателност и одговорно однесување на отворен простор. Високите температури и сувиот период го зголемуваат ризикот од брзо ширење на пламенот.
https://www.youtube.com/watch?v=f4gfN_W97FA











