ТЕРА

REKLAMA???

БЕКТЕШИ: НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРОДАВА МАСЛО ВО ПАКЕТИ ИЛИ ПАЛЕТИ

Од денеска не треба да се продава масло за јадење во пакети или палети, внатре во маркетите или пак кај трговците на мало, бидејќи биле утврдени такви случаи, рече во емисијата Топ тема на Телма, министерот за економија Крешник Бектеши.

„Јас не верувам дека таквите количини се купуваат за потребите во домаќинството. Овие количини се купуваат или за трговија или пак за да се извезуваат надвор од државата, бидејќи само во регионот на Струга и Охрид имаме речиси три пати поголема потрошувачка на масло за јадење отколку што сме имале претходно“ рече Бектеши.

Запрашан за евентуалното дополнително зголемување на цената на литар масло за јадење, Бектеши изрази надеж дека таа ќе се задржи во очекуваните рамки, помеѓу 115 и 135 денари.

Министерот повторно апелираше до граѓаните да не прават големи залихи поради страв од недостатоци, посочувајќи дека според податоците на Заводот за статистика, едно просечно семејство во Македонија може да потроши најмногу 3 литри масло за јадење месечно.

„Масло за јадење во нашата држава има. Се прават соодветни контроли и доколку не се пушта масло во малопродажба тоа е недозволиво согласно Законот за заштита на потрошувачите. Денеска разговарав со сите производители на масло за јадење и со повеќето национални синџири на трговци во нашата држава и беше посочено дека за повеќе од два пати е зголемена  побарувачката во однос на просечната потрошувачка од минатите години и од претходните месеци. Тоа значи дека непотребно се купува масло за јадење. Ако се купува масло за јадење на пакети или палети трговците треба да го известат Државниот пазарен инспекторат за да се преземат соодветни чекори, рече Бектеши.