ТЕРА

REKLAMA???

ВЛАДАТА АНАЛИЗИРА ДОДЕКА ГРАЃАНИТЕ ПЛАНИРААТ БОЈКОТ НА МАРКЕТИТЕ БР.2

Преку социјалните мрежи повторно се шири повик за бојкот на маркетите утре, поради високите цени на храната. Алармот го слушнаа и нашите политичари, премиерот и министерот за економија за јавноста коментираат – едниот повикува на неколкупартитнја дискусија, а другиот чека согласност за спроведување на подготвената одлука за замрзнување на цените на одредени производи.

Граѓаните на социјалните мрежи повторно се подготвуваат за бојкот на високите цени во маркетите, особено по сознанието дека еднодневниот бојкот од минатиот петок резултираше со скоро 50% помал промет во ланците низ државата, дека еден маркет направи кампања на поефтинување на цените, а друг најави дека ќе прекинува соработка со добавувачи кои им доставуваат производи со 3 или 4 пати повисоки цени.

Во меѓувреме се огласуваат сите економски експерти кои се про и котра мерките за замрзнување на цените, истовремено и владата се подготвува да одговори соодветно на барањата. Генералниот став е дека бојкотот е легитимен и право на граѓанинот тоа да го изрази како протест , но властите мора точно да го адресираат и да го решат проблемот кој завлегува во социјалната сфера на општеството.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска на прес конференција најави дека чека насоки како ќе се постапува, дали ќе ги стави на сила подготвените мерки за замрзнување на цените на одредени производи.

„Мислам дека утре ќе направиме една прес конференција или брифинг за вас ( новинарите н.з) и ќе ве известиме за сите работи што се случија овие 2-3 недели. Легитимно право е да има граѓанска иницијатива на бојкот на маркетите и нормално дека ги разбирам. Одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни приходи на грбот на граѓаните. Ова нема да го прифатиме и нема да го толерираме. Како ќе постапиме понатаму ? Ќе одржиме брифинг и ќе ве известиме, спремни сме и ќе ги земеме предвид сите мерки и алатки што ги имаме како влада за да ги спречиме овие незгодни ситуации. “

Од минатата недела Дурмиши најави дека ќе се спроведат вонредни пазарни инспекции и дека ќе се санкционираат сите кај кои било утврдено дека не се однесувале според Законот за нефер практики.

Премиерот Мицковски пак, кој деновиве ја разбранува јавноста уште повеќе со своите изјави за летните производи што ги купувал односно не ги купувал во зима. На новинарско прашање за чекорите кои ќе ги преземе владата, одговори со дел од анализите на владата. Постојат и други производи кои ја наметнуваат скапотијата, вели тој.

„Јас кажав дека ги разбирам граѓаните и го разбирам револтот на граѓаните. Истовремено кажав дека очекувам во дијалог и производителите, и дистрибутерите , и маркетите и потрошувачите да седнеме заедно да разговараме и да го надминеме сето ова коешто денеска се случува за да нема ескалација и за да нема поголеми последици.

Јас сум еден од потрошувачите и да, понекогаш сум револтиран кога плаќам исти производи по повисока цена од тие цени коишто се во соседството. И ве молам, тоа го зборував и во Парламент на „пратенички прашања“: ова е дел од проблемот, имаме и други проблеми, кои што се друг тип на трговци со друг тип на производи како што се лекови, бела техника итн. коишто продаваат производи, а ако се споредат со тие во околината се некогаш и за 2-3 пати поскапи. Невозможно е тоа да е последица на лоша зделка или последица на некои царински давачки или на нешто друго. Прашањето е „колку  е доста?“, „има ли доста!?“.

Што и да покажат анализите на експертите или пак увидот на инспекциите, фактите говорат дека граѓаните го најдоа својот начин за испраќање порака до бизнисите со храна и други производи за кои цената ја наметнуваат многу субјекти, а ја плаќа конзументот.