ТЕРА

REKLAMA???

Ден без автомобили: Дали градовите се подобри за живеење со помалку автомобили ?!

Дали градот во кој има помалку автомобили е нависитина подобар град за живеење? Искуствата од различни европски градови покажуваат дека одговорот во голема мера зависи од тоа што ќе се случи со просторот и со мобилноста откако автомобилите ќе се намалат. Ако само се затворат  улиците, без да се обезбеди алтернатива, проблемот може само да се премести. Но, ако просторот што го заземаат автомобилите се пренамени за пешаци, велосипеди, зеленило, јавен превоз и јавни содржини, тогаш се менува и начинот на кој се користи градот.

Светската здравствена организација предупредува дека лошо планираните урбани транспортни системи се поврзани со загадување на воздухот и бучава, сообраќајни повреди и недостаток на безбедни услови за пешачење и физичка активност.

Еден од примерите е Барселона, каде што концептот на „суперблокови“ го пренасочува сообраќајот кон поголемите улици, а внатрешните улици им ги остава на пешаците и велосипедистите. Во еден од анализираните суперблокови било измерено намалување на азот диоксидот за 25 проценти и на честичките PM10 за 17 проценти. Жителите пријавиле и повеќе удобност при пешачење, помалку бучава и поголема можност за социјална интеракција.

Може ли Битола да ги следи светските примери?

Низ призмата на стандардите на светските градови – во Битола децата од 7-12 години одат пеш сами на училиште, а познавачите велат не се лоши ниту безбедноста, пристапноста и сообраќајната бучава. Но треба на ум да се има фактот дека Битола не е милионски град. Според пописот од 2021 година, во општината живеат 90 .000 жители, само во градот околу 69.000 . Низ градот, чија патна мрежа според информации од  комуналните претпријатија била проектирана за 10.000 возила, се движат преку 28.000 возила.

Битола неодамна направи мапирање на сите улици,сообраќајници и места кои имаат пречки за безбедно движење на сите делови од градот на сите учесници со различна физичка подготвеност или инвалидитет. Но концептот помалку автомобили сам по себе не подразбира по автоматизам подобар град за живеење.

Ако се забранат автомобилите, а нема јавен превоз, велосипедски патеки, безбедни рамни тротоари, достапни паркинзи и функционални пешачки врски, нема добар град, вели теоријата.

Оттука, Битола би бил град во кој автомобилот повеќе не е неопходен ако велосипедската структура стане поврзана мрежа, ако јавниот превоз е доволно редовен и достапен со поголема бројност и поврзаност со периферните и руралните делови, ако јавниот простор биде добро испланиран, без трансформатори на патот.