Здружението за заштита на потрошувачите во Србија, „Ефектива“ ги повика граѓаните од денеска до петок, 14 февруари, да ги бојкотираат петте големи трговски синџири. Како што истакнуваат од тоа здружение, успех ќе се постигне доколку приходите се намалат за една третина, пишува агенцијата МИА.
Зборувајќи за резултатите од претходниот бојкот, Дејан Гавриловиќ од Ефектива за ТВН1 изјави дека е забележан пад на приходите од 37 отсто, по што е упатен повик до трговците, добавувачите и до државата да направат нешто конкретно.
Бидејќи немало никаква реакција, а добиле информација дека дури и зголемиле цени, Гавриловиќ рече дека следел повик за петдневен бојкот.
„Ако успееме да ги намалиме приходите за една третина, тогаш би можеле да зборуваме за успех и дека може да се случи нешто конкретно. Потрошувачите известуваат дека некои трговци ги покачиле цените и дека сега, викендот пред бојкотот, продавниците пукаат од попусти на продажбата. Не сме задоволни од овие акции, сакаме трајно намалување на цената“, објаснува Гавриловиќ.











