Граѓаните се првите на удар при справувањето со ефектите од земјотресите и другите природни непогоди или човечки-создадени катастрофи, сè додека не дојде стручна помош. Оттука, исклучително важно е зголемувањето на свесноста на граѓаните во подобра подготовка пред настанувањето на овие непогоди, како и во справувањето со нив. Како да не не надвладее паниката.
„Паниката ќе ја има секогаш, меѓутоа таа не треба да биде голема, треба да се контролира, особено во оној период на самото дејство на земјотресот, колку што трае во тие десетина секунди. Една од главните цели за тоа зошто сме денеска во Битола, е токму тоа да ја подигнеме јавната свест кај определени целни групи. Во овој случај се работи за медицински персонал како и во средното образование, во едукативниот процес. Овие две групи се едни од најзначајните групи за време на земјотрес од повеќа аспекти, а наш интерес е посебно бидејќи тоа се таканаречени објекти од критичната инфаструктура кои што мораат и во случај на земјотрес да функционираат. Пред две години имавте земјотрес чиј што епицентар беше непосредно на границата меѓу Македонија и Грција и токму тие моменти покажуваат дека болниците се местата каде што евентуално би се згрижувале повредените лица, а училиштата пак од друга страна се исто така критична инфраструктура во случај на земјотрес, доколку има повредени или луѓе што го изгубиле својот дом, најчесто се први места каде што се врши евакуација или згрижување на населението и обезбедување пристојно место за живеење и затоа сметавме дека овие две целни групи ни се особено значајни“ вели проф. д-р Влатко Шешов-директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Институтот за комуникациски студии е партнер на проектот „Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици“. Целта на проектот е да ја подигне свесноста на институциите, здравствените власти, училиштата и локалната заедница во пограничниот регион на Македонија, Албанија и Грција за ризикот од земјотреси и секундарниот ризик од ерозија на земјиштата. Прашавме како да се реагира во училиште во случај на земјотрес, а едукацијата беше денеска во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.
„Токму тоа ни е и целта. Овие работилници не се само теоретски, туку и практични, правиме пробна вежба, ги обучуваме, бидејќи морам да потенцирам најбитно за земјотресот е во првото силно дејство на земјотресот кој што е десетина секунди, во тој период да останеме присебни и најбитно е да ја заштитиме својата глава. Секогаш дали сте на отворено или во училници каде што има поголем број на ученици, веднаш одат под масите, за евентуално ако нешто паѓа, малтери или сличен градежен материјал, најпрво да се заштитат себеси и потоа откако ќе се смири силното дејство, да излезат од своето засолниште, од под масата и тогаш присебно да ја напуштат училницата“ вели тој.
Не треба да се излегува веднаш и наеднаш сите, но преку што и кога да се напушти објектот. Кое е времето за можен афтер шок?
„Скали и лифтови за време на земјотрес никако не смеат да се користат, бидејќи тие се најповредливи елементи од зградата и ако нешто се случи, може тие прво да попуштат. Како што реков напуштање на местото каде што сме се засолниле може само после дејството на земјотресот, никако за време на дејството да се напушти местото каде што сме се заштитиле. Неможе да се каже кога би бил првиот афтер шок, меѓутоа многу ретко е тоа да се случи во наредните минути. Мора првао тој силен шок да се ослободи па потоа после неколку часови да дојде до ослободување на друга енергија, меѓутоа тоа е природен феномен и не знаеме, меѓутоа има време да се види дали се скалите оштетени, лифт никако да не се користи и потоа смирено да се напушти. И кога се напушта, не тоа да е во близина на објектот, туку што подалеку од објектот“ вели Шешов.
Проектот го води Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), додека партнери покрај ИКС се Аристотел универзитетот од Солун, Грција; Фондација Еуцентре од Павија, Италија; Политехнички универзитет од Тирана, Албанија. Проектот е финансиран од Европската Унија.