Здружението на пензионери побара од Општината преку Советот давање на простор во месните заедници за пензионерски клубови. Пред седницата на Советот, на комисиска расправа беше кажано дека има законска пречка. Точката како дополнителна се најде на седницата, а барањето е за отстапување на простор без надоместок.
„Би сакала да ви нагласам дека идентични вакви одлуки се донесени во неколку општини, меѓу кои општината каде што градоначалник е Александар Стојковски од ВМРО ДПМНЕ, потоа во Општина Центар каде што градоначалникот е од СДСМ и ако можи да престанеме барем се да делиме, еве стигнавме и пензионерите очигледно да ги делиме на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Значи тие се луѓе кои што живеат во овој град, имаат здружение, искрено не го знам точниот број, но знам дека имаат многу и сметам дека треба да имаат такви простори. Тие простори доколку ги добие тоа здружение, тие ќе бидат на подолг временски период. Одлуката која што ќе ја донесеме ќе биде идентична како и во оние општини каде што и едните и другите имате градоначалници. Истата не се коси со ниту еден закон“ рече Габриела Илиевска, претседателка на Советот.

Пред седницата побаравме ставови на советниците. Бојкоски од ВМРО ДПМНЕ рече дека доколку нема законска пречка треба да им се отстапи простор, без разлика дали се пензионери, спортски клубови, здруженија на граѓани.

„Од страна на општинската администрација бевме информирани дека постои некаква законска пречка која што не може да биде исполнета. Треба да седнеме сите заедно и доколку има простор во законот, со цел да не се прекршува законот, се разбира на сите оние групи без разлика дали доаѓаат од пензионери, спортски клубови, невладини организации, да излеземе во пресрет, бидејќи објектите кои што се во сопственост на Општина Битола, а не се користат, треба да бидат дадени на здруженија на граѓани, фудбалски клубови, со цел да не се распаѓаат, односно да можат да бидат користени од сите граѓани на Битола“ рече советникот Бојкоски.
Од Левица велат кога ќе му одговара нешто не постои законска пречка, кога не му одговара постои законска пречка.

„Значи ние многу пати апелиравме за дневен центар, општината да обезбеди простор од 200 метри квадратни општински објект за да се направи дневен центар за здружението „Порака“, тогаш ни велеа дека има некоја законска рамка каде што општината не може да даде општински објекти, па за потоа да видиме дека се дале на спортски клубови општински објекти, така што јас мислам дека се тоа што не скакаат да го направат, постои некоја законска рамка“ вели Горан Велевски од Левица.
СДСМ нема дилема за барањето.

„Апсолутно немаме дилема дека треба да му дозволиме на пензинерите, тоа се во месните заедници, со тоа и на некој начин ќе ги одржуваат, да му се дозволи да имаат свои клубови, да си се собираат. Дали ќе играат шах, домино“ рече советничката Мирјана Захариевска-Ралевска.
Захариевска-Ралевска ја прашавме за ставот на администрацијата околу законската пречка.
„Меѓутоа ние имаме примери наназад, каде што на здружение на граѓани сме го дале без финансиска надокнада“ рече таа.
На седницата мнозинството го поддрша барањето на пензионерите.












