Советот на Струшките вечери на поезијата, врз основа на значењето на поетското дело на холандската поетеса Анеке Брасинга, нејзиниот исклучителен придонес во современата европска и светска поезија, како и врз основа на високите естетски вредности и влијанието на нејзиниот поетски опус, донесе одлука наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година да ѝ се додели на Анеке Брасинга за нејзиното севкупно поетско творештво.
Поезијата на Анеке Брасинга се одликува со исклучителна јазична инвентивност, богата метафоричност и силна имагинативна енергија. Нејзиниот поетски јазик е густ, барокно разигран и исполнет со неочекувани зборовни споеви, неологизми и звучни асоцијации, кои се спојуваат со филозофска длабочина и со суптилна иронија и создаваат уникатна поетска атмосфера. Критиката често ја опишува како „магионичар на јазикот“, поетеса која ја истражува границата меѓу значењето и звучноста на зборот и ја отвора поезијата кон нови јазични хоризонти. Низ своето поетско творештво и преку својата значајна преведувачка работа, Брасинга воспоставува жив дијалог со европската и светската книжевна традиција, збогатувајќи го современиот поетски јазик.
Во нејзиното творештво се преплетуваат мотивите на природата, љубовта, кревкоста на убавината и ранливоста на јазикот, како и длабоките егзистенцијални прашања за човековата судбина, меморијата и времето. Нејзината поезија често се движи меѓу реалното и надреалното, создавајќи поетски свет во кој се судираат духовното и материјалното, културата и природата, интимното искуство и универзалните теми на човечкото постоење.
Со својот оригинален поетски глас, со јазичната храброст и со длабочината на поетската мисла, Анеке Брасинга се вбројува меѓу најзначајните современи поети на холандската литература и меѓу највлијателните европски поетски гласови на нашето време. Нејзиното дело ја проширува можноста на поетскиот јазик и ја потврдува поезијата како простор на слобода, имагинација и духовно истражување.
Токму поради таа оригиналност и духовна сила, нејзиното дело е високо вреднувано со најзначајните книжевни признанија во холандската литература, потврдувајќи ја Анеке Брасинга како еден од најзначајните поетски гласови на современата европска и светска поезија.

















