Зарина Првасевда одржа предновогодишен концерт во Офицерскиот дом во Битола.
„За подобар завршеток на годината не можев ни да сонувам… Ваков тип на настани го потсетуваат човека на убавината на животот но и на она што го работиме, за благословот да се биде на сцената и преку музика да се подели дел од срцето со некого кому истото му е потребно. Благодариме Битола и на сите кои толку одблизу ни се приклучија на оваа магија, ни пружаа љубов, поделија дел од себеси со нас.. Ни дадовте инфузија од инспирација што ќе не држи уште долго после овој настан. Љубов секому… До нови средби!“, изјави Зарина после концертот.

Истиот беше вечер на променада на емоции, претпразнично честење на душата со музичка прошетка низ различни култури, меѓусебно пружање рака некаде низ звуците и простор за игра на детето во нас во меѓупросторите на корените и ширината на светот.
Таа со својот ансамбл го промовираше албумот „ЕХО“, каде покрај песните од истоимениот албум кој таа неодамна го издаде за издавачката куќа Кроација Рекордс, беа изведени и некои од песните кои таа досега ги изведувала или пак, од оние што следуваат на следниот албум. Албумот е збирка од 11 традиционални песни од Балканот и истиот е отпеан на 5 јазици.
Во ансамблот на Зарина Првасевда настапија Ратко Даутовски – перкусии, Пенче Кралев – бас, Филип Димишковски – клавијатури, Благојче Трајковски – кларинет, Филип Михајловски – канон и Тони Арлан – виолина.
„Да се пее во Битола пред битолчани е голема чест и задоволство, но се разбира и одговорност. Овојпат со публиката се сретнавме во Офицерскиот дом во Битола, и за моја голема радост со публиката бевме блиску буквално можевме да си го слушаме срцебиењето едни со други а тоа нам ни беше ритамот како премин кон емотивното, таму каде не често имаме можност да се среќаваме“, рече таа за концертот.












