Во моментов се работи на над 15 локации во урбаниот дел од општината и руралните средини. Изминативе три години комплетно се реконструирани улици во должина од над 50 километри, а се градат и повеќе значајни објекти од високоградбата, рече на прес конференција, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
„Иако, дневно информираме за сите отпочнати проекти, како и за фазите на реализација во кои се наоѓаат истите, денес сакам да потенцирам неколку важни работи, кои ја одбележуваат годинава која изминува или – најважните проекти кои се реализираа во последните дванаесет месеци во Општина Битола.
Тоа се проекти со кои во Битола се чувствуваат промените кои значајно ја подобруваат инфраструктурата и овозможуваат подобри услови за живот на сите граѓани, за збогатување на културно – туристичката понуда, но и за економско заживување на градот и нови инвестиции. Накратко би ги споменал:
– Изградбата на влезот во Битола од страната на Прилеп, проект на кој активно работиме.
-Изградбата на улица кај новоотворениот трговски центар БЛИС.
-Изградбата на нова противпожарна зграда каде исто така активностите се во полн ек.
-Изградбата на новата детска градинка во АРМ во партнерство со Кромберг и Шуберт, која е во напредна фаза.
-Во завршна фаза е и адаптацијата на новата детска градинка во Домот за доенчиња и мали деца, по што ќе следува опремување на просторот, а веќе работиме и на решавање на проблемите кои беа затекнати за изградба на новата детска градинка кај основното училиште „Свети Климент Охридски” за што сме во комуникација со ресорното министерство. Постоечкиот објект во состав на ДГ Славејче кој во минатото се користел од страна на градинката сега е адаптиран за згрижување на деца, со што се потврдува нашата заложба за зголемување на згрижувачките капацитети за најмладите.
-Започнавме изградба на велосипедски патеки во должина од над 5 километри и конечно започнуваме со реализација на идејата „Битола вело град”.
-Со поддршка на ПСК Пелистер го возобновуваме опожарениот планинарски дом „Копанки” и веќе со радост и гордост можеме да кажеме дека таму новиот објект е во фаза на карабина и дека ќе се заложиме ова култно место за битолчани конечно повторно да ги отвори вратите за граѓаните.
-Во соработка со ФФМ го подготвивме стадионот „Петар Милошевски” за ноќни натпревари и таму веќе се одиграа првите натпревари под рефлектори.
-После многу напори и долги процедури, отворено е прифатилиштето за бездомни животни „Хачико”, како системски пристап во справување со проблемот со уличните кучиња.
-Изградена е пешачка патека на потегот Тумбе кафе – Смолево, омиленото место за рекреација на битолчани.
-Уреден е Новиот парк во Нова Битола и поставена е урбана опрема и спортски реквизити.
-По примерот на светските метрополи, осветлени се сите значајни архитектонски градби со што блесна најпознатата и најамбиентална улица во Битола, Широк Сокак, каде е поставена и нова урбана опрема“ соопшти Коњановски.
Тој исто така зборуваше и за другите проекти во патната инфраструктура, енергетската ефикасност, како и за украсувањето на Битола и плановите за дочекот на Новата година и „Зимската приказна“.












