Кога 1 евро е еднакво на минимум 20.000 евра. Или, како до ефтина куќа во Италија
Додека цените на становите и куќите кај нас вртоглаво растат без шанси за намалување, во Италија може да купите куќа за едно евро. Еве како и зошто.
Добро слушнавте (прочитавте) , цела куќа за едно евро. Програмата „Едно евро куќа во Италија“ започна пред десетина години, во 2015, со цел да се стимулира економскиот развој на општините и да се врати изгледот на градовите, малите места кои се повеќе се празнат на сметка на големите градови и побогатите европски држави. Проектот е делумно успешен.
Снимките се од местото Патрика, блиску до Рим што е во фокусот на внимание на странските медиуми деновиве. Создадено во средновековието, сега има околу 3000 жители и освен две куќи пред некоја година, не успева да продаде ниту една.
Еве ги понудените. За македонски услови – позната и многу јасна приказна. Клима нема, затоа што се се клима. Нема ниту кабелска телевизија, ниту интернет, кај некои ниту струја нема, само водовод и канализација. Ама затоа на Сицилија велат имало добра историја и пристоен ако не и прекрасен поглед.
Проблемите започнуваат со законската регулатива која уште од времето на востановување на Римското право, се грижи и го гарантира правото на имот на наследниците. Општините може да ги продаваат куќите по едно евро само ако има согласност од наследниците. А напуштените згради во старите италијански градови понекогаш се делат на повеќе наследници кои поседуваат само дел од куќата – еден наследник купатилото, друг гаражата, третиот спалната. Ако нема согласност од сите наследници- ништо од бизнисот.
Други општини, како Мусомел, исто во Сицилија не ги бараат иселените наследници и веќе продале десетина куќи. На продажба низ другите општини не се само запуштени руинирани куќи, туку и поранешни вили и неколку замоци. Потенцијалниот купувач странец треба да исполни неколку услови:
Најпрвин треба да има италијански даночен број, потоа да наведе дали куќата ја купува за живеење или за бизнис, на крај да се обврзе дека целосно ќе ја реновира во рок од 12 месеци. Ова важи за реновирање внатре. Фасадата мора да остане иста, и да се освежи во рок од три години. Секоја општина има свои адвокати и градежници кои мора да бидат вклучени, а реновираето на куќите започнува од 20.000 евра нагоре.
Што се е следно, дали ви треба геодет или архитект, колку ќе чини носењето струја или кабелска можеби ќе научите на лице место. Италијанската влада нуди неколку водичи кои може да ги добиете и во електронска форма, по цена од 12 евра и 90 центи.












