Македонскиот павилјон на 60. Венециско биенале, оваа година е презентиран преку проектот „Помеѓу надеж и страв” на уметничката Славица Јанешлиева. Овогодинешното биенале го курира Адриано Педроса, а генералната тема е „Странци насекаде.“ Носител на македонскиот проект е НУ Национална галерија на Република Македонија.
„Македонскиот уметнички павилјон преку 60.Венециско биенале е дел од глобалната уметност. “Странци насекаде” е темата во фокусот на современата уметничка елита, а македонскот проект со оригиналноста и уникатноста ја предизвикува светската уметничка јавност. Националното претставување на авторката Славица Јанешлиева, со комесарот Дита Старова – Ќерими, директорка на Националната галерија и кураторките, Ана Франговска и Сања Којиќ- Младенов, отвора низа глобални прашања и македонската уметност ја става во контекст на светските општествени феномени. Министерството за култура е партнер на уметниците и ги поттикнува креативноста и иновациите со кои се негуваат европските вредности и се стигнува до врвот на меѓународната уметност“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

„Можам да кажам дека делото веќе го привлече вниманието на домашните, но и на меѓународните медиуми како Art News, E-flux, It’s Liquid, Art Review. Ваквиот интерес дополнително потврдува дека нашата земја има светски уметници за кои вреди да се бориме да бидат поддржани. Како комесар сакам да изразам голема благодарност до целото Министерство за култура и Министерството за надворешни кои со своите институционални капацитети не поддржаа во сите предизвици до денес кои се составен дел од вакви големи проекти. За големото разбирање на нашите потреби и пронаоѓање на солуции. Да не има на светската ликовна мапа подеднакви со сите светски уметнички елити е чест и привилегија која се постигнува само преку учество на манифестации како Биеналето“, рече Дита Старова, директорка на Националната галерија.

Низ повеќедимензионални медиумски платформи и материјали, како пердуви, лед-неонски натписи, проекции, огледала, Јанешлиева не впушта во неколку концептуално-наратолошки матрици каде не соочува со чувството да си странец и тоа оној кој е насекаде, во мене, во тебе, во нив, во нас. Поточно таа не соочува со прифаќањето или неприфаќањето на одвоените кфалификативи од оние на мноштвото, без оглед дали различноста се базира на полот, сексуалната определба, изгледот, појавата, однесувањето, болест, националност, религија, јазик, политичко убедување. Не соочува и со чувството на самостигматизација, автоцензура, самокритика, заради наметнатите очекувања.
Сепак, да се биде различен носи потенцијал и за трансформација. Од секој од нас зависи да го најдеме својот пат до нашиот внатрешен лебед.












