Денеска во Битола министерот за локална самоуправа Горан Милевски ги потпиша договорите за кофинансирање на 10 од вкупно 22 проекти во рамките на вториот јавен повик од Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција во вкупна вредност од 7,6 милиони евра. Во вториот јавен повик проектите се однесуваат на три приоритетни области како што се развој на локалната економија, превенција и заштита од природни катастрофи и заштита на природното и на културното наследство.

„Во Битола во партнерство со Национален парк Пелистер ќе градиме адреналински парк. Станува збор за атракција која освен што ќе привлече туристи ќе овозможи услови за забава и рекреација. Проекти има и за во други делови на државата со што продолжува успешното комуницирање на граѓаните од двете држави истакнато преку општините, граѓанските организации и планинските региони“, истакна Милевски.
Милевски истакна дека како одговор на потребите на населението, има проекти кои што обезбедуваат превенција и заштита од природни катастрофи, пожари и поплави, развој на системите за брзо известување и намалување на ризиците.

Првите 10 проекти ќе се имплементираат овде во Битола, во Неготино, во Конче, во Струмица, во Градско, во целиот пограничен регион. Два проекти се во партнерство со НП Пелистер ќе се прави адреналински парк и ќе се набави техничка опрема за заштита од елементарни непогоди односно пожари. Адреналинскиот парк ќе биде во близина на Инфо центарот, а ќе чини околу 200 илјади евра, а проектот за заштита од елементарни непогоди чини 100 илјади евра. Универзитетот „Св.Климент Охридски“ доби проект за заштита и превенција од комплексни поплави и пожари. Во рамки на истиот со средства од околу 100 илјади евра треба да се набави опрема и програми не само за заштита туку и за предвидување на можни елементарни непогоди. Односно на ФИКТ ќе се инсталира капсула со виртуелна реалност каде што ќе се врши обука за спречување на природните непогоди. За реализација на проектот ќе бидат вклучени 45 професори експерти од битолскиот универзитет. Чтвртиот проект ќе се реализира во партнерство со Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион насловен „Превенција и управување со прекугранични комплексни поплави и шумски пожари-СОЛВЕ. Вкупниот буџет за реализација на овај проет е над 200 илјади евра. Нов проект за рано откривање на пожари доби и Центарот за управување со кризи.

Најважно е проектите да бидат имплементирани на време, да се почитуваат процедурите на Европската Унија за да можат расположливите средства да се искористат во целост и да се реализираат на начин кој што ќе обезбеди нивна оддржливост, рече Милевски и додаде дека секој проект треба да обезбеди бенефит за учесниците, но уште поважно е да има реално влијание на развојот на општината и на регионот преку отворање на нови можности за развој на малите локални бизниси кои што се поврзани меѓу себе и затоа имаат големо влијание како на вкупниот развој на локално, така и на национално ниво.

Во вториот програмски период преку ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција се одобрени 62 проекти од кои повеќето, од првиот повик се веќе имплементирани.












